Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со своите сограѓани, поднесе неколку кривични пријави поради сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување на правосилните и извршни решенија за одземање на добитокот и загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните.
Со пријавите се бара да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот.
Поднесени се и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат поради неспроведувањето на решенијата.
„Дадовме збор и ќе одиме до КРАЈ!“ – порача градоначалникот Митовски/
Вчера, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа координативен состанок со претставници на надлежните институции и Општина Крива Паланка, посветен на усогласување на заедничките чекори за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот на територијата на општината.
На состанокот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Јовица Андовски, директорката на Агенцијата за управување со одземен имот, Ирена Илиевска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, претставници на Министерството за внатрешни работи и национален координатор од Владата. Од Општина Крива Паланка присуствуваа градоначалникот Сашко Митовски, командантот на Општинскиот кризен штаб, како и претседателот на Советот на Општината, Миле Трајковски.
Разговорите беа насочени кон координација на надлежните институции и усогласување на натамошното постапување, заради заштита на безбедноста, здравјето и имотот на граѓаните.
Разговорите и координацијата продолжуваат и во текот на утрешниот ден, со цел усогласување на заеднички став и утврдување на следните активности. За исходот од разговорите и договорените чекори, граѓаните и јавноста ќе бидат навремено информирани.
Општина Крива Паланка останува посветена на соработката со сите надлежни институции и на конкретно постапување за трајно надминување на проблемот, информираат од општината.


