Ќулавкова на твитер: Цената на соживотот ја плаќаме со животот

Сподели

 

Академик Катица Ќулавкова, членка на Македонската академија на науките и уметностите предизвика огорченост на социјалните мрежи откако објави твит со кој изнесува ставови кои беа оценети како националистички и шовинистички.

Ќулавкова на 6 јуни 2020 година на својот твитер профил објави твит со текст „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, на иста линија со наративите кои ги шират националистичките и шовинистички кругови во Северна Македонија, според кои за ширењето на болеста ковид-19 се виновни етничките заедници кои не се етнички Македонци и христијани.

 

 

Под „соживот“ генерално се подразбира практиката на вековно заедничко живеење и толеранција меѓу различните етнички и верски заедници од Република Северна Македонија, која е спротивност на практиката на етничко чистење и геноцид која поради напливот на национализам ја искусија неколку други балкански земји во војните при распадот на бивша Југославија.

Твитот на Ќулавкова бил споделен 53 пати, претежно од анонимни твитер профили кои се дел од „армијата на тролови“ што редовно дава поддршка на десничарската популистичка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа „фарма“ е дел од пропагандната машинерија, чиј дел се и низа влијателни медиуми со делумна унгарска сопственост, која деновиве засилено ги обвинува муслиманите, особено етничките Албанци и Роми, како главни преносители на новиот корона вирус и виновници за засилувањето на епидемијата.

До сега ниту една од државните академските институции, меѓу кои и МАНУ и државните универзитети, се немаат произнесено со став или покренување дисциплински постапки во конкретни случаи кога одредени нивни членови односно професори ширеле говор на омраза или дезинформации.