Изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“ произлегува од богатата и разновидна колекција на Националната галерија на Република Северна Македонија.
24 ноември, 13 часот
Таа опфаќа внимателно селектиран репертоар од околу 30 дела што го документираат и визуелно го претставуваат културното наследство на нашата земја, со посебен акцент на недвижното културно наследство – цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од различни региони на Македонија.
Изложените дела не ги откриваат само архитектонските и уметничките особености на претставените објекти, туку ја истакнуваат и нивната историска, документарна и културна вредност. Преку сликарските и цртачките сведоштва, посетителите ќе имаат можност да добијат увид во изгледот на старите градби, нивната просторна структура, архитектонските елементи и декоративните решенија, како и во промените на нивната состојба низ времето.
Меѓу авторите чии дела се застапени на изложбата се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници. Тие твореле во различни временски периоди и уметнички контексти, а најголемиот дел од изложените дела потекнуваат од првата половина на XX век, период во кој македонската ликовна уметност се развивала во допир со традиционалните вредности и современите модернистички тенденции.
Покрај нивната несомнена уметничка вредност, делата имаат и особено значење како визуелни и документарни сведоштва за културниот простор на Македонија. Тие овозможуваат согледување на историскиот контекст, изгледот и особеностите на архитектонските објекти, но и на уметничките пристапи и ликовните техники применувани од авторите. Во таа смисла, секоја слика и секој цртеж претставуваат непосредно сведоштво за едно време и за културното наследство што го обликувало просторот во кој живееме.
Со овој изложбен концепт, Националната галерија отвора нов пристап кон интерпретацијата и презентацијата на сопствената колекција, откривајќи ја нејзината документарна димензија и потенцијалот на уметничките дела како сведоштва за културното наследство. Изложбата претставува можност за пошироката јавност повторно да го открие богатството и разновидноста на македонското културно наследство, согледано низ уметничкиот израз на авторите кои го забележале и овековечиле.
Раководител на изложбата: Маја Крстевска, виш кустос
Соработник: м-р Владимир Таневски, Кустос


