Додека Народна банка итно поставува привремена администрација и бара нов сопственик за колабираната Алта банка, македонските граѓани и фирми остануваат заложници на една опасна економска хаварија чиј главен архитекта е актуелната власт. Ова не е само обичен банкарски колапс, туку суров епилог на политички асистирани зделки и увоз на сомнителен регионален капитал од режимите кои секојдневниот живот на обичниот човек го претворија во преживување, реагираат од ЛДП.
Власта која со црвен тепих ги отвори вратите за странски олигарси и експоненти блиски до туѓи центри на моќ, сега се крие зад независните институции и се обидува да ја измие сопствената одговорност. Додека граѓаните се лимитирани со скандалозни неделни ограничувања за сопствените пари и гледаат како им се руши финансиската сигурност, премиерот и министрите молчат како скаменети, бегајќи од секаков отчет.
Народна банка може да бара нови газди и да организира аукции за спасување на пропаднати банкарски мрежи, но на Македонија ѝ е потребен длабок ресет за ослободување на државата од заробените економски политики. Нема да дозволиме туѓите политички авантури и партиски лобирања да се прекршуваат преку грбот на македонските граѓани, ниту пак некој ќе се амнестира од политичка одговорност за овој економски цунами.
Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итна и целосна финансиска ревизија, транспарентност за секој денар што влегол во овој сомнителен бизнис-модел и оставки од сите оние кои свесно замижуваа пред банкротот. Државата не е приватна играчка за забава на политички елити, а народот повеќе нема намера да ги плаќа туѓите економски бламажи со сопствениот опстанок!


