Иако Законот за здравствена заштита предвидува јавен оглас и рангирање врз основа на стручност и компетентност, во пракса се случува спротивното. Членот 161 му дава дискреционо право на директорот на здравствената установа да избере кого ќе вработи, дури и ако тој кандидат не е прворангиран, обвинуваат од Левица.
Ваквата ʼправна празнинаʼ создава силна партизација, која е рак рана на македонското општество, а државата стимулира излив на медицински кадар кој е дефицитарен.
Следствено, имаме бројни случаи кога најдобрите кандидати не беа избрани, а целата постапка се сведуваше на формалност со однапред познати одлуки.
Поради ова, нашите лекари и медицински сестри денес лечат во Германија и другите европски држави, само поради тоа што во Македонија партиската книшка е повреднувана од стручноста и професионалноста.
Левица континуирано и принципиелно инсистира на надминување на овој длабоко вкоренет системски проблем и повторно, по официјална постапка, поднесе Предлог-закон за дополнување на спорниот член, со цел конечно да се овозможи вработување на најдобрите, а не на “најповрзаните”.
Оваа недела, пратениците од Левица по втор пат во овој мандат ќе се обидат да ја прекинат праксата на партиски и непотистички вработувања и да воведат ред, еднаквост и професионални критериуми во здравството.


