Локомотива програма на МОТ: “КОЛО” – Танцов перформанс

Сподели

 

Локомотива програмата на МОТ оваа година ќе го претстави танцовиот перформанс „КОЛО“ на 11 ноември во 22 часот во Денсинг салата на Младинскиот културен центар.

Перформансот е во продукција на Станица – Сервис за современ танц, а ко-автори и изведувачи се: Симонида Жарковиќ, Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, Јана Миленковиќ, Исидора Поповиќ, Јована Стојиќ и Александар Стоименовски.

Претставата „КОЛО“, ги преиспитува современите манифестации на заедницата, со фокус на физичките аспекти на нејзиното прикажување преку танцовата практика. Ја испитува и можноста и неможноста да се оствари контакт во време на промени врз основа на дигиталните технологии, користејќи ја како катализатор „новата реалност“ предизвикана од пандемијата. Народното оро [коло] е централниот елемент на внимание. Постојаниот физички контакт на групата, едноставноста на движењата и акцентот на заедничките активности ја формираат основата на овој перформанс.

Оваа претстава на МОТ фестивалот е дел од проектот (Не)Врзани Движења, а е курирана од Биљана Тануровска-Ќулавковски а продуцирана од Емилија Чочкова.

(Не)Врзани Движења е поддржан од програмата Креативна Европа/Европска соработка Западен Балкан.

Проектот (Не)Врзани Движења/ (Non)Aligned Movements е развиен во партнерство помеѓу СТАНИЦА Сервис за современ танц, Белград; Номад танцова академија Словенија, Љубљана; Номад танцова академија Хрватска; Танцфабрик Берлин и ЛОКОМОТИВА Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Скопје.