Македoнски студенти во Сеул со златен медал за иновација: велосипед што чисти воздух

Сподели

 

Пронајдокот на неколкумина македонски студенти, велосипед со тркало кое го чисти воздухот, освои златен медал на меѓународната изложба во Сеул.

 

 

“Пронајдокот „Филтер за воздух вграден во велосипедско тркало“ кој е остварен од страна на нашите студенти: Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ освои златен медал на меѓународната изложба „KIWIE 2019“ одржана во Сеул, Јужна Кореја”, објавија на Фејсбук од Машинскиот факултет во Скопје.

Пронајдокот „Филтер за воздух вграден во велосипедско тркало“ е остварен заедно со вонредниот професор д-р Иле Мирчески и дип. маш. инж. Тошко Ристов. Меѓународната изложба  „KIWIE 2019“ се одржа во организација на Корејската асоцијација за жени пронајдувачи KWIA и со поддршка од Корејскиот завод за интелектуална сопственост KIPO и светската организација за интелектуална сопственост WIPO.

Станува збор за велосипед на батерии кој има вградено проактивни филтри. Тие ги заробуваат штетните честички со самото ротирање на тркалата. Ова треба да биде еден чекор плус во креирањето на нов еколошки систем на градскиот транспорт.

„Целиот систем за прочистување на воздухот ќе биде составен од филтер материјал кој што ќе биде вграден во држачите, тоа се портокаловите делови. Со самата ротација на тркалото ќе се прима воздухот и ќе се задржуваат некои честички, ќе се отпушта воздухот така што на тој начин ќе се прочистува воздухот,“ велат студентите.

Идејата е велосипедите да бидат поставени на неколку станици низ градот. На корисникот ќе му биде достапна картичка со која ќе може да го користи велосипедот. Цената на изнајмувањето ќе зависи од тоа колку километри се извозени и во која зона од градот. На станиците ќе бидат поставени и полначите за велосипедите.