Македонскиот бањски туризам претставен на саемот за туризам во Солун

Сподели

turizam

Грчките туристички работници и грчката јавност имаа можност да се запознаат со македонските центри и можности за бањски и здравствен туризам на големиот Меѓународен саем за туризам „Филоксенија“ во Солун, каде што има 621 излагачи и делегации од 34 држави.

По иницијатива на македонскиот конзулат во Солун, Македонија е претставена на саемот со штанд со фокус за центрите за бањски туризам, а на саемот беа присутни и голем број туристички агенции и компании за автобуски превоз од Македонија кои имаа можност да се запознаат и воспостават контакти за потенцијална соработка со учесници од други држави на саемот.

Најпознатиот македонски туристички центар Охрид годинава беше во фокусот од балканските држави заедно со Белград, Пловдив и со Едрене на конференцијата на тема „Ребрендирање дестинации“ (Rebranding destinations).

Клучни прашања кои се дискутираа на конференцијата беа важноста една туристичка дестинација да има свој посебен идентитет и како тој се гради преку конкретна туристичка стратегија. За искуствата и стратегиите на Охрид, Белград, Пловдив и на Едрене на оваа тема говореа претставници на туристички сојузи и локални власти од Македонија, Србија, Турција и од Бугарија.

Од Грција, пак, говореше Јанис Михаилидис, менаџер на консултантска фирма на угостителство и туризам кој потенцираше дека најважната работа за да се развие и промовира добро брендот на една туристичка дестинација потребен е колективен напор односно поддршка од локалната заедница и локалните власти.

Покрај важноста за идентитетот на туристичката дестинација, се разговараше и за можностите за понудување регионални туристички пакети за странски туристи на Балканот.

Претставувањето на туристичките можности на Македонија, контактите меѓу туристичките организации и конкретниот фокус на бањскиот туризам во Солун отвора можности за привлекување поголем број и грчки, балкански, но и туристи од трети држави во Македонија.

Охрид е популарна дестинација меѓу грчките туристи и често и се нуди во аранжманите главно на туристичките агенции во Солун, па овие нови контакти може да помогнат да се зголеми грчкиот туристички прилив и во Охрид, но и останатите езерски, планински и бањски туристички центри во државата.

meta.mk