Македонскиот тим донесе бронзен медал од IEO2023

Сподели

 

Во периодот 25.07 – 2.08.2023, се одржа Шестата меѓународна економска олимпијада на која Македонија зеде учество по втор пат. На олимпијадата учествуваат 50 тимови од 48 земји од светот. Учениците се натпреваруваа во три дела, тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис студија. Олимпијадата се одржа во хибриден формат, дури 15 тима оваа година беа собрани на едно место, во Волос – Грција. Домаќини беа колегите од Одделот за економија при Универзитетот на Тесалија од Волос.

Тимот кој не претставуваше годинава е составен од учениците кои беа најдобро пласирани на Првата македонска економска олимпијада одржана на крајот на мај во организација на Сојузот на математичарите на Македонија. Црвено – жолтата боја оваа година ја носеа учениците Стефанија Кузмановска од Математичко – информатичката гимназија во Скопје, Рина Толева од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје, Давид Ставров од ПСУ Алгоритам – Скопје и Давид Арсовски од  СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје. Лидерите на тимот беа Анета Гацовска – Барандовска и Стево Ѓоргиев од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Нашиот тим се претстави и повеќе од одлично. Меѓу големиот број водечки економии во светот, го освоивме 22-рото место во генерален пласман. Посебно сме горди сме што оваа година го освоивме и првиот медал на оваа олимпијада. Бронзениот медал на нашата држава и го донесе ученикот Давид Ставров. Успехот е уште поголем зошто во вкупните поени се зема во предвид и тимскиот успех при изработка на бизнис студијата, каде нашиот тим заврши како втор во групата. Малку недостигаше да се вратиме со уште некој медал. Им честитаме на сите четворица од се срце! 

Од се срце им се заблагодаруваме на сите кои допринесоа во подготовката на тимот и на оние кои финансиски ги поддржаа учениците да можат да учествуваат на олимпијадата во живо, инфорираат од Сојузот на математичари на Македонија.