Макрон: Нема почеток на преговори без претходна реформа на процедурата

Сподели

 

Францускиот претседател, Емануел Макрон, по лидерскиот состанок во НАТО, на прашање на МИА зошто ги блокираше преговорите со ЕУ за Северна Македонија во октомври изјави дека не бил сам во таа одлука.

-“Ја прифаќам лошата улога уште еднаш, ако сакаат луѓето да велат дека само Франција беше против, уште еднаш ќе прифатам, но Франција не беше единствена против почетокот на преговорите”, одговори францускиот претседател.

Тој ја повтори позицијата на Париз дека ќе одбие секакво отворање на преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура.

Макрон изјави дека „целосно ги признава постигнувањата на Северна Македонија, вклучително и промената на името“ и дека станува збор за „многу храбар потег“.

-“Целта кон западниот Балкан ни е целосно да ги вкотвиме од европска страна, тоа е геополитичкиот предизивик, тоа вкотвување можеби поминува преку перспективата на зачленување за некои, но треба да бидеме јасни дека поминува преку фази на стратешки партнерства и инвестиции. Основа грешка што ја направивме колективно беше да сметаме дека нашиот единствен однос кон западниот Балкан е членството. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години… отвораме и никогаш нема да затвориме, видовме со Турција”, вели Макрон.

Тој по втор пат ги поздрави „напорите“ на Северна Македонија, како и на Албанија и оцени дека треба да се отворат „канали кон посилно и поинтензивно стратешко партнерство“ придружено од поголеми инвестиции во регионот „кои ќе го сменат животот на народот“, меѓу другото во образованието и културата.

-Пред било кое отворање на преговори процедурата мора да се направи пореверзибилна и се надевам дека ќе успееме тоа да го сториме пред самитот во Загреб, рече Макрон.

-Сакам да бидеме јасни дека отворањето преговори нема да значи никаков автоматизам во однос на затворањето на тие преговори и сакам во позадина процедура во која повеќе инвестираме, изјави францускиот претседател.

МИА