„Од нас за нас”: Марш против дискриминација на децата што не се имунизирани

Сподели

 

Утре во 14 часот, здружението „Од нас за нас” ќе одржи марш, кој ќе се движи од Министерството за труд и социјала и потоа кон Министерството за образование.

Повод за овој марш, е како што велат од здружението „Од нас за нас“, тоа што државата ги дискриминира децата што не се имунизирани и им го ускратува правото на образование и на згрижување.

„Ние, родителите, пријателите, роднините и соседите на нашите дискриминирани деца бараме итно да заврши незаконската тортура што се врши над стотици семејства во Македонија. Бараме да престане бруталното кршење на Уставот и законите и на децата да им се отворат вратите на градинките и на училиштата. Го браниме нашето право на слобода, право на семејство, право на избор и на достоинствен живот и затоа бараме оставки од сите што ги прекршија законите. Девет месеци талкаме по институциите и бараме правда од врата до врата, но не ја наоѓаме. Нашите деца се или дома или се присилно имунизирани или дури и стигматизирани од околината и трпат и психички и физички последици. Доста ни е!“, соопштуваат од „Од нас за нас“.

Од таму нагласуваат дека упатиле покани за средба до Министерот за труд и социјална политика Мила Царовска и до министерот за образование Арбр Адеми за време на маршот со надеж дека, како што велат, „ќе заврши самоволието и бескурпулозното кршење на детските права“.

„Во спротивно, ќе бараме оставки од сите дискриминатори, а нашите маршови ќе продолжат по скопските улици сè додека не се исправи неправдата и сè додека не им се надомести нанесената штета на децата.

Во соопштението од Здружението велат дека денеска че имаат состанок во Секторот за заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика, а за деталите од средбата ќе информираат утре.