Матка 17 години чека да се репрогласи за споменик на природата

Сподели

 

Кањонот Матка сѐ уште чека репрогласување како споменик на природата. Нацрт-законот сѐ уште е во Министерството за животна средина, иако уште пред неколку месеци беше најавено дека документот наскоро ќе се презентира пред јавноста. Процедурата тука нема да заврши, бидејќи по забелешките од јавноста ќе треба да се изработува Предлог-закон кој ќе мора да биде одобрен од Владата пред да влезе во процедура во Собранието каде ќе треба да се изгласа, пренесува Мета.мк.

Во меѓувреме, една од нашите најдрагоцени природни реткости веќе 17 години нема вистинска заштита. Кањонот, за споменик на природата бил прогласен во 1994 година со Одлуката која ја донело тогашното Собрание на Градот Скопје. Со донесувањето на законот за заштита на природата во 2004 година сите делови од земјата заштитени според стари закони мораше да бидат репрогласени со утврдување на границите и управувачот на подрачјето. Оваа постапка за Матка никако да заврши. Резултат на тоа се бројните дивоградби, градежни активности, уништување на природата и живиот свет и узурпации создавани речиси две децении.

Од Министерството информираат дека текстот на нацрт- законот сѐ уште се усогласува во нивните сектори, по што ќе се објави на Единствениот национален електронски регистар на прописи ener.gov.mk и на веб страната на МЖСПП, каде сите заинтересирани ќе можат да достават коментари, забелешки и да направат консултации.

„Треба да се има предвид дека во изминатиов период Министерството континуирано спроведува постапки за прогласување на заштитени подрачја, согласно Законот за заштита на природата. Секако дека и постапката за прогласување на Матка за заштитено подрачје ќе се ажурира и продолжи. Но, имаме услови кога се водат напорeдно повеќе постапки за прогласување на повеќе заштитени подрачја. Донесен е Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, а тековно се работи на постапки за прогласување на дел од Водно и дел од Малешево за заштитени подрачја во категорија V – Заштитен предел и на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа“, велат од Министерството.

Со конечното репрогласување, локалитетот ќе добие нов управувач, кој ќе треба да се грижи за целосната заштита на кањонот. Токму менаџирањето на заштитениот предел пред два месеци беше тема на разговори меѓу Градот Скопје, Општината Сарај и резерватот „Јасен“. Како што најави тогаш министерот за животна средина Насер Нуредини, се бара најсоодветно решение за соработка меѓу сите три институции кои се инволвирани во заштитата на Матка. Управувањето ќе биде доделено само на еден субјект, но ќе постои супервизија од повеќе страни. Нуредини тогаш посочи дека ќе нема да има можности за легализација на дивоградбите на Матка.

„Сè што е дивоградба на Матка останува дивоградба. Министерството нема да дозволи никава можност ниту по еден основ таму да се легализира нешто“, нагласува Нуредини.