Меѓународен симпозиум „Хамлет и Европа – Да се биде или не!“

Сподели

Универзитетот за аудиовизуелни уметности, европска филмска, театарска и танцова академија денеска и утре во Кинотеката на Македонија организира меѓународен симпозиум „Хамлет и Европа – Да се биде или не!“.

Симпозиумот денеска напладне ќе го отвори претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор од Ројал колеџ од Лондон, а обраќања ќе имаат и познатиот романски режисер и актер Јон Карамитру, кој е директор на Националниот театар од Букурешт, и ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни умнетности Јордан Плевнеш.

Како што соопшти Универзитетот ЕСРА, поздравна реч ќе има и професорот Мето Јовановски, кој го играше Шекспировиот Хамлет во 1977 година, а ќе бидат претставени и сите македонски Хамлети – почнувајќи од Ацо Стефановски, преку Сефедин Нуредини, па се до Дејан Лилиќ, преку фотопроекција на Роберт Јанкулоски и песна на Горан Трајковски – „Хамлет на светот убавина“.

Македонските „Хамлети“ утре ќе одржат работилница на која ќе биде претставена и магистерската теза „Шекспир засекогаш“ на Валентино Светозарев.

Специјални гости на настанот се балканските автори Градимир Гојер, Владислав Бајац, Алек Попов, Башким Шеху, Анастасис Вистонитис и Александар Прокопиев, кои под претседателство на Јон Карамитру ќе одражат конститутивна седница на Academia Balkanica Europeana со седиште во Букурешт која, како што наведува ЕСРА, ќе биде нова институција на балканските духовни мостови во европските интеграции.