Мециновиќ: Овој ребаланс е „логистички центар“ на ДПМНЕ за изборите

Сподели

Во своето обраќање на денешната комисиска расправа, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, ја разобличи суштината на првиот ребаланс на буџетот на Владата на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, нарекувајќи го „огледало на нивната совест“ кое јасно ја разоткрива нивната „крволочна десничарска природа“. Тој укажа дека овој Буџет и Ребаланс нема визија, дека не го става народот во фокус и дека продолжува истата неолиберална матрица која ја разори економијата на Македонија последниве децении.

Тој истакна дека ребалансот приоритетно ги задоволува интересите на приватниот сектор, олигарсите и партиските структури, наместо на народот. Како примери ги наведе намалените даночни приходи и зголемените приходи од продажба на државен имот, со што Владата сака да распродаде сè, наместо да ги оданочи своите спонзори.

Реализацијата на капитални инвестиции е само 20%, додека задолжувањето и плаќањето камати расте алармантно со камати кои надминуваат 230 милиони евра, што ја отсликува длабоката задолженост и финансиската немоќ на државата.

Пратеникот особено ја осуди распределбата на средства која е кроена како „логистички центар за локалните избори на ДПМНЕ“ – со значително зголемување на привремени вработувања, договорни услуги и привилегии за олигархијата, а се намалуваат средствата за здравство, образование и социјална помош. Мециновиќ ги предупреди пратениците да не се занесуваат со „авантуристички фантазии“ за зголемување на трошоците за одбрана на 5% од БДП, потенцирајќи дека Македонија е пресиромашна за да учествува во големите игри на воено-индустрискиот комплекс и дека, според Уставот, таа пред сè е социјална држава и парите треба да завршат кај народот, а не во куршуми.

На крајот, Мециновиќ заклучи дека ова е ребаланс без визија, кој ја храни само олигархијата, ја поттикнува сиромаштијата и ја втурнува Македонија уште подлабоко во должничко ропство и економска зависност. Тој најави дека пратеничката група на Левица ќе интервенира со амандмани, но изрази скепса дека ќе има суштински поместувања поради досегашната практика на власта.