Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“. Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество. Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда, остро реагираше портпаролката на Владата, Марија Митева.
Како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудувам ваквите ставови. Нашата заложба за „За една повеќе“ е токму спротивното од сè што слушнавме. За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева.
Ова е прашање на елементарни цивилизациски вредности. Нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање. Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството, изјави Митева.


