Мицкоски-Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските, време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Сподели:

Денес повторно ја пречекуваме претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во еден важен момент за иднината на европското проширување, генерално европската иднина. Средбата беше отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина. Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон ЕУ.

Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета! Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции.

Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија.

Денес отворено разговаравме и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед. Напоменав дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања.

Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа. Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа. За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.

Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Денешната средба ја гледам како уште еден важен чекор во насока на поголема доверба, поотворен дијалог и поконкретна соработка со Европската Унија, изјави премиерот Мицкоски на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Сподели: