Мицкоски: Ќе ја напуштам политиката ако некој од партијата гласа за промена на Уставот

Сподели

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави повлекување од политиката доколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дадат поддршка на уставните измени за внес на Бугарите. Тој порача да се стави крај на, како што вели, изјавите од власта дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат „за“ промените на Уставот, што произлегуваат од францускиот предлог.

“Тука сакам да ја затворам таа тема. По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. Ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политиката, ако јас додека сум претседател, под овие услови, биде променет Уставот”, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информира и дека продолжуваат разговорите со коалициските партнери во однос на иницијативата за референдум, поврзан со францускиот предлог. Дилемата е дали референдумот ќе биде предложен од 44 пратеници или пак ќе се собираат 150 илјади потписи за негово распишување.

„Не е тоа европеизација. Затоа сега е првиот браник, а тоа е непроменливоста на Уставот. Иако од власта ќе продолжат со изјави и притисоци дека имало пратеници кои ќе гласаат. Да го завршиме целиот овој процес и да излеземе со конечен став пред граѓаните”, изјави Мицкоски.

Од СДСМ излегоа со реакција, во која велат дека Мицкоски не треба да чека, туку може веднаш да си даде оставка и да ја напушти политиката, откако му пропаднаа сите обиди да ја закочи и да ја дестабилизира државата.

„Мицкоски, кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар, уште еднаш потврди дека референдумот кој го најавува, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето му е само за внатрепартиска и лична употреба“.