“Почитувана Македонијо, Почитувани пријатели, сограѓани,
Вечерва сакам да објавам една важна вест – голема, голема победа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ! Ако некој се сомневаше, народот покажа меѓу другото дека Македонија е повторно твоја! Ви благодарам мој народе.
Ова е заедничка победа, ова е победа на вербата, надежта, копнежот за иднина. Ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се бориме, неговите надежи и нашата заедничка татковина. Вечерва, Македонија повторно покажа зрелост.
Победивме во Скопје. Убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош, победа и во Аеродром и Чучер Сандево. Беше жилава борба, тешка борба, со многу предизвици се одлучуваше во пет до дванаесет, знаете дека не заслужува ниту името да му го спомнам, тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби, не успеа, поразен е. Брвеница останува Јовица градоначалник. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево коишто досега има градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани. Нашето Кочани кое мораме да издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново Облешево, Виница, Дебрца, Конче, Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се пребројуваат гласовите но морам и да признаам и да соопштам една посебно силна порака која доаѓа оваа вечер, а таа е од нашето Кичево. Кичево. Кичево!!!
Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но, и покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме, различни вери, различни припадности, против оние кои го влечеа градот надоле. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните. На ова треба да работиме. Победи соживотот и вербата во вредности. Ова е голем и важен пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети.
Победи идејата дека Македонија е дом за сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати.
Таа зборува за Македонија што созрева, за народ што не се плаши да се обедини околу вредностите, а не околу поделби.
Драги пријатели, помина и времето на локални шерифи, итромани кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации со децении се шалтаа од еден во друг ќош само за да политички преживеат, тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите оние кои со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Епа вистината им се распрсна пред очи. Бомбата која ја спремаа за други им прсна во рака.
Исто така, дозволете ми почитувани сограѓани, да кажам дека овој резултатот е порака до СДСМ, морам да признаам дека не сум среќен поради нивниот дебакл. Но, тој е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор со времето.
Обврска да продолжиме уште посилно, да не се опуштиме ниту еден ден, и да ја претвориме надежта во конкретни резултати. Да покажеме дека чесноста и трудот победуваат, дека политиката може да има достоинствено лице, и дека Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок. Од Кичево до Скопје, од Битола до Куманово, од Охрид до Штип, ова е истата порака: време е за обединување, време е за работа, време е за Македонија што верува во себе.
На сите што ни дадоа поддршка, ви благодарам. Нема да ве убедуваме со зборови – ќе ве убедиме со дела. Ќе работиме за секој човек, без разлика кого го поддржал. Ќе покажеме дека Македонија е дом за сите и дека политиката може да служи, а не да дели.
Од утре продолжуваме со уште поголема одговорност. Утрово рано половина час после 4 часот патуваме за Брисел. Од утре мораме да работиме за подобра Македонија”, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.


