Мицкоски: „One Stop Shop“ ќе ги доближи Македонија и Албанија и ќе го поттикне туризмот

Сподели:

„За мене претставува огромна чест што мојот драг пријател и колега, претседателот на Владата на Албанија, г. Еди Рама, е денеска овде со мене.

Би сакал на самиот почеток на овој денешен значаен настан за двете земји, на нашите сограѓани Албанци, но и генерално на Албанците, да го честитам Денот на албанската азбука — ден којшто за мултиетничка држава како што е нашата значи многу и додава вредност во кохезијата којашто ја имаме во нашето општество. Нека е честит денот и нека е со многу успеси и за арно да е, изјави премиерот Мицкоски на средбата со албанскиот премиер Еди Рама, по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија.

“За нас претставува задоволство што можеме да го отпочнеме овој начин на соработка помеѓу двете земји, помеѓу Албанија и Македонија, бидејќи „One stop shop“ системот ќе го олесни транспортот на патници. Слушнавте, неколку милиони годишно го поминуваат овој граничен премин, а на тој начин дополнително ќе ги доближи и онака блиските две земји, Македонија и Албанија.

Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини коишто ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија, и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата. А исто така, беше кажано при оној воведен дел, презентацијата како сето ова ќе функционира, „One stop shop“ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал коишто го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на Охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија.

Би сакал на крај да му се заблагодарам на министерот за внатрешни работи, на колегите од Владата, на вработените од МВР, царината и сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект, и би сакал да изразам голема благодарност до мојот голем пријател, претседателот на Владата на Албанија, г. Еди Рама, за неговата лична поддршка што ја даде да ова денеска стане реалност“, – додаде премиерот Христијан Мицкоски.

Сподели: