28 февруари 2027 – Светски ден на ретките болести

Сподели:

ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО МОЖЕТЕ ДА ЗАМИСЛИТЕ!

Секоја ретка болест има свое име, но зад секоја дијагноза стои човек. Човек со своја приказна, соништа, предизвици и надежи.

Официјално е претставена глобалната кампања за Светскиот ден на ретките болести 2027, која оваа година нè потсетува дека подобрите денови значат многу повеќе отколку што можеме да замислиме, информираат од Ги запознаваме ретките болести.

Подобрите денови значат повеќе инклузија, повеќе разбирање, еднакви можности, навремена дијагноза и подобар пристап до лекување.

Во центарот на новата кампања се вистински луѓе и нивните животни приказни. Луѓе кои секојдневно покажуваат дека животот со ретка болест не е дефиниран само од дијагнозата, туку и од храброста, истрајноста, љубовта и желбата за достоинствен живот.

Светскиот ден на ретките болести првпат беше одбележан во 2008 година, на иницијатива на EURORDIS. Во 2027 година се одбележува по 20-ти пат, обединувајќи милиони луѓе ширум светот во заедничката борба за поголема видливост и подобар квалитет на живот на лицата со ретки болести.

И оваа година, „Ретко е да си редок“ – Охрид ќе биде дел од глобалната кампања, продолжувајќи ја нашата мисија да ги направиме ретките болести повидливи, а гласот на пациентите и нивните семејства посилен.

Затоа што инклузијата не е привилегија. Таа е право. Заедно можеме да создадеме општество во кое никој нема да биде заборавен поради реткоста на својата дијагноза.

28 февруари 2027 година! Ретки сме, но не сме сами!

фото Ги запознаваме ретките болести

Сподели: