МКЦ воведе припејд картичка за безготовинско плаќање на сите услуги во културниот центар

Сподели

 

За прв пат на домашните фестивали и културни настани, а по примерот на меѓународно реномираните фестивали, Младински Културен Центар (МКЦ) – воведе безготовински, припејд систем на продажба, што ја прави и прва културна институција во земјава што воведува припејд картичка.

Во соработка со Шпаркасе банка, МКЦ за прв пат на деветтото издание на фестивалот „Здраво млади“ воведе специјализирана припејд картичка која ќе се користи за безготовинско плаќање на сите услуги во културниот центар. Со оваа картичка, посетителите на МКЦ ќе можат да купуваат пијалоци, работи на штандовите за продажба од артистите/изведувачи за време на фестивалите, како и производи од концептуалната продавница АП(O)ТЕКА, а наскоро истата ќе може да се користи и за градското кино Милениум.

Со МКЦ картичката  се унапредува и модернизира продажбата на услугите во МКЦ согласно барањата на динамичната и модерна публика. Со користењето на припејд картичката во голема мера ќе се намалат гужвите и чекањата особено за време на големите фестивали и културни настани преку намалување на периодот на купување/плаќање, а истовремено ќе се зголеми ефикасноста на услугите, времето поминато за забава, но и зголемени приходи на оваа јавна установа.

Исто така, станува збор пред се за безбеден систем на плаќање кој не дозволува никакви финансиски малверзации – се наведува во соопштението на Град Скопје.

Припејд картичката изнесува 30 денари и може да се подигне од просториите на МКЦ и важи исклучиво за настаните во МКЦ.