Алтернатива Настани

Младински поетски камп во чест на писателот Ванчо Николески

Сподели:

Здружението за култура и литература Мацково од Охрид, соселаните од питоресткното Црвена Вода, со поддршката на општина Дебрца и Министерството за култура, го обновуваат споменот на писателот – втемелувач на литературата за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески.

Веднаш по завршувањето на учебната година, од 17 до 20 јули, во Црвена Вода, пред родната куќа на писателот, како и во училиштето каде, најнапред учел, а потоа и учителствувал, за прв пат во нашата земја, но и на просторот од земјите од Балканот, ќе се одржи еден младински поетски камп.

Како што и доликува, овој камп ќе го носи името на Ванчо Николески, кој ќе се реализира во соработка и со наставниот кадар и учениците од основноѕо осумгодишно училиште “Ванчо Николески”, од Лескоец крај Охрид.

Учесниците ќе творат и на други атрактивни локации, како што се атрактивно уредениот простор на петте кладенци под селото, на просторот на некогашното старо село Мацково, од каде водат корените на Николески, пред “Спомен домот на НОВ и ПОМ” (каде се напишани сите документи за АСНОМ и е издаден Манифестотот до македонскиот народ, октомври 1943 – првиот документ печатен со македонска кирилица), потоа на Караорман и Славеј Планина.

Учесниците, ќе бидат гости и на градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, кој ќе ги поведе во Галеријата на најстарата ликовна колонија кај нас – “Дебрца”, како и во неповторливиот амбиент на недопренета природа на изворите Сини Вирој, едни од најиздашните во Европа.

Досега се пријавени ученици од нашата земја, Србија (Лесковац и Војводина), Албанија, Црна Гора и Бугарија, а почесна гостинка ќе биде малата Катрин Коли, родена во Глазгов, Шкотска, рекордерот во изучувањето на македонскиот јазик – “цели” два месеци!

Минатата година, после повеќедецениско отсуство на акција на ДПМ и институциите на државата, Здужението “Мацково”, заедно со селаните од Црвена Вода, самоиницијативно и на свој трошок, отворија “Спомен соба” на Николески.

Истовремено, на родната куќа на Николески, поставија “Спомен плоча” која ја открија д-р Христо Петрески, претседател на Собранието на ДПМ, Мајо Даниловиќ, член на Светската академија за поезија и претседател на Одделот за словенскиот свет, заедно со градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Селото Црвена Вода, е познато по две работи. Прво, по улогата во Втората светска војна, кога овде бил Главниот штаб на партизанската војска. И второ по детскиот писател Ванчо Николески. Постои куќата во која се родил, постои и училиштето во кое учел, и двата објекти се обновени.

Ванчо Николески е роден во 1912 година. Основно училиште завршува во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој бил учител во многу села низ Македонија.

По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Од 1950 година, тој бил член на Друштвото на писателите на Македонија.

Кога пораснал, бил учител и живеел најповеќе во Битола, на крајот во Охрид, каде и починал 1980 година.

За децата, тој е познат по “Волшебното самарче”, роман, како и по поемата “Мице”. Во 1946 година, ја објавил првата поетска збирка на македонски јазик, воопшто во Македонија, по ослободувањето од фашизмот, што се викала „Македонче“.

Мегу другото, снимана и телевизиска серија за волшебното самарче, а ликот
на Трајче го игра познатиот Игор Џамбазов.

Ванчо Николески има објавено триесетина дела. Тоа се романи, поеми, збирки
поезија, збирки раскази, сликовници, приказни и бајки, историската поема за Цар
Самуил и слично.

Ванчо Николески, во поезијата е познат по ритамот и римата. За тоа му нема рамен во Македонија, а го споредуваат и со српскиот автор Јован Јовановиќ – Змај. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Преведуван е на сите јазици на народите од поранешна Југославија, и самиот се занимавал со преведување од српски и руски јазик.

Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија, секоја година ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.

Веле Митаноски

Сподели: