МОБ: Операта „Евгениј Онегин“ во хуманитарни цели

Сподели

Во Македонската опера и балет, утревечер ќе биде изведена оперската претстава „Евгениј Онегин“ од Петар Илич Чајковски, а собраните средства ќе бидат наменети за Здружението на деца со оштетен вид при Центарот за лица со оштетен вид.

Акцијата, како што соопшти МОБ, е со цел создавање музичка аудиотека, а ќе биде насочена и за купување музички инструменти за лица со оштетен вид.

Со „Евгениј Онегин“ беа отворени овогодинешните Мајски оперски вечери, а претставата имаше одличен одѕив кај публиката и кај стручната критика.

Диригент ќа биде Иван Еминовиќ, режијата е на Дејан Пројковски, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а кореограф Олга Панго.

Во насловнмата улога настапува гостинот од Украина, Александар Малишко, а дел од екипата се и: Марика Поповиќ (Ларина), Сандра Митровска (Татјана), Николина Јаневска (Олга), Елена Тасевска (Филипјевна), Дарко Нешовски (Ленски),  Владимир Саздовски (Кнез Гремин),  Диме Петров (Капетан) и  Борко Биџовски (Зарецки).