МОФ: Учениците да пријават ако има притисок да не учествуваат во маршот за чист воздух

Сподели

 

Младинскиот образовен форум ги повика учениците да пријават ако утре некој им врши притисок на училиште или ако на одреден начин им ги повредуваат нивните ученички права.

Повикот доаѓа откако скопскиот огранок на „Fridays For Future“ информираше дека директори на средни училишта вршеле притисок врз ученици да не ја бојкотираат утрешната настава и да не учествуваат во маршот за чист воздух.

Од МОФ ги упатија учениците да им се обратат на ucime_pravo@mof.org.mk за совет или ако имаат пријава.

„На оваа адреса може да ги испратите сите ваши дилеми или да не контактирате на телефонскиот број на МОФ (02 3139692) за тимот на Учиме право програмата да ви даде насока што најсоодветно може да преземете за да ги заштитите вашите ученички права“, стои во повикот на МОФ.

Средношколци од Скопје преку социјалните мрежи најавија бојкот на наставата во сите средни училишта, во знак на протест против високото ниво на загаденост на воздухот. Тие ќе бидат во холовите на училиштата, но нема да присуствуваат на часовите.

„Средношколци, родители, професори, секоја наредна година, секој нареден ден, станува се полошо. Ние, средношколците, сме крајно изреволтирани од непреземањето ништо, лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем. Затоа, во петок, на 20.12.2019. ние, средношколците, нема да присуствуваме на настава во сите средни училишта. Целта на ова е власта и сите општествен фактор да се фокусираат на овој проблем, а по бојкотот ќе се приклучиме на Зелениот фронт и нивните барања, кои се единствено решение за оваа неподнослива ситуација. За нашите животи се работи“, стои во најавата за бојкотот.

Поддршка за бојкотот денеска пристигна и од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија. Тие ги повикаа сите средношколци, професори, родители од најзагадените градови во државата да им се приклучат.

По бојкотот на наставата, средношколците најавија присуство и на маршот организиран од коалицијата Зелен Фронт, кој ќе започне во 17 часот пред Министерството за животна средина, а ќе заврши пред Влада.

 

radiomof.mk