Могерини: Европа ќе биде обединета кога Балканот ќе стане дел од ЕУ

Сподели

Европскиот континент ќе биде обединет кога Балканот конечно ќе стане дел од ЕУ, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, јавува Anadolu Agency (AA).

На свеченото доделување на Наградата на градот Магдебург „Цар Отон велики” (Kaiser-Otto-Preis 2017) Могерини изјави дека сите жители на европскиот континент се Европјани, но оти тој простор сѐ уште не е обединет.

Во тој контекст, таа потсети дека Магдебург е збратимен со градот Сараево и оти по војната во БиХ помогнал во обновата на босанската престолнина, која Могерини ја нарече „убав, фасцинантен и вистински европски град“.

„Како што е Сараево, и остатокот од Балканот е Европа. Луѓето од Балканот се Европјани. Нашиот континент ќе биде обединет тогаш кога Балканот конечно ќе стане дел од нашата Унија. Сетете се дека изборите кои нашите родители ги донесувале биле непопуларни, но биле во право. Понекогаш мораме да бидеме храбри и да направиме вистински чекор“, изјави Могерини.

Таа додаде дека лично ќе се залага до крајот на својот мандат сите земји на Балканот да преземат чекори кон членството во ЕУ.

„Верувам дека тоа е можно, тоа е она што тие го сакаат и тоа е она што ни е потребно за нашиот континент и за нашата безбедност“, изјави Могерини.

Могерини во Магдебург ја прими наградата „Цар Отон велики“, која секоја втора година се доделува за јакнење на разбирањето и соработката во Европа.