МОРКОВ ЗА ЗАЕВ – Горан МИХАЈЛОВСКИ

Сподели

1.

Многу е возбудлив животот во Македонија. Си легнуваме како Македонци. И сабајлето сите се будиме како илинденци. И тоа без ниту еден испукан куршум. И без црешовото топче. Дури и без пенкало в рака.

Се разбира дека најновиот предлог за целосно решение на спорот за името  – „Република Илинденска Македонија“ – уште не е официјално потврден и не знаеме дали е ставен на преговарачка маса, ама сигурно е интересно решение за џвакање јазик и во Македонија и во  Грција.

Впрочем, секогаш кога ќе има некаков „креативен“ предлог се распалуваат дебати и дискусии. Па како што се лицитираше со Горна, Долна, Вардарска, Скопје, во заграда, без заграда, со цртичка, пред Република, по Република, сега ќе си правиме јазични симулации на тема Илинден. Те како ќе се вика јазикот, те како ќе се преведува името на англиски јазик, те како ќе се викала нацијата, те како Грците ќе нѐ викаат, те за колку време ќе мораме да ги менуваме пасошите за да можеме без ливчиња да одиме на одмор во Грција, те химната дали ќе се менува, те дали пак за нови регистарските таблички ќе треба да плаќаме… Ехее, теми за дискусија едно чудо.

 

2.

Премиерот Заев рече дека „ако, не дај Боже, не се постигне решение, тоа нема да доведе до дестабилизација на земјава. Ние градиме и ќе градиме пријателствa“.

Па, не сум баш сигурен дека нема да има дестабилизација. За нас што останавме тука и немаме резервна татковина, најголема дестабилизација ќе биде ако ни се врати тоа што го имавме 11 години. Не мора во ликот на Груевски. Се покажа дека Македонија има капацитет да создаде и успешно да негува режим.

Па и премиерката на Велика Британија Тереза Меј не дојде во Скопје на неколкучасовна посета по самитот на ЕУ во Софија, за да на Македонија ѝ го отстапи местото што Велика Британија ќе  го ослободи со излегувањето од ЕУ. И за името не изгледаше многу заинтересирана. Си кажа отворено зошто е дојдена: „Важно е сите да се здружиме во справувањето и спротивставувањето на надворешните влијанија на Русија во овие земји“. Појасно – здравје.

И покрај целиот оптимизам на Заев дека сѐ ќе биде добро, и покрај сите пофалби и поддршка од клучните играчи во ЕУ и НАТО, и покрај насмевката на грчкиот премиер Алексис Ципрас, сепак се прашувам: Што добро може да ѝ се случи на Македонија ако остане надвор од ЕУ и од НАТО?

 

4.

И малку ни беше историска неделава што изминува, за идната недела, барем засега, се најавени уште најмалку два историски настани. В понеделник на 21 мај ќе има прва пресуда за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет сегашниот премиер Зоран Заев.  А в среда 23 мај ќе падне и првата пресуда од многуте случаи на СЈО за поранешниот премиер Никола Груевски за мерцедесот од 600.000 евра.

Првата од многуте пресуди кои следат за Груевски се совпаѓа баш со Денот на Власите 23 Мај. Историјата ли сакала, судбината ли сакала, ама ако е точно дека со име „Илинденска Македонија“ ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, пак нека каже некој дека Власите се циции.

Текстот во целост прочитајте го тука