Алтернатива Македонија Настани Ударни вести

МСУ: Изложба „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“

Сподели:

 

Од денеска во Музејот на современата уметност – Скопје е отворена изложбата „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“.
 
 
 
 
Проектот „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“, претставува резултат од повеќегодишен истражувачки процес на Владимир Јанчевски, кој се однесува на антифашистичката фотомонтажа и визуелата култура во периодот помеѓу двете светски војни.
 
 
 
 
Почетокот на 20 век го одбележаа редица драматични настани и пресвртни моменти во политичка и технолошка, но и во уметничка смисла, правејќи ја очигледна нивната неизбежна меѓузависност. За разлика од предмодерниот период, кога уметноста најчесто е во служба на владејачките елити, модерниот концепт за уметникот отвори простор за индивидуално изразување надвор од контролата на метанаративот на моќта и честопати функционира наспроти власта.
 
 
 
 
 
Овој проект, поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација, на политичките судири и сликовните конфликти, осврнувајќи се на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз форматирањето на комуникацијата и формирањето на свеста.
 
 
 
 
 
Земајќи ја сериозно предвид најновата теориска мисла на полето на визуелните студии и науката за сликата, овој проект, преку изложбата и дискурзивно-едикативната програма, има за цел да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, за да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, како и начините преку кои тие можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера.
 
 
 
 
На изложбата ќе можат да се видат авторски дела на Џон Хартфилд и негови современици како Јосеп Ренау, Мануел Монлеон, Борис Клинч и др (оригинални плакати, списанија, публикации од периодот 1918-1945, каде се гледа развојот на техниката и формирањето на препознатливата иконографија, како и литература поврзана со темата од личната колекција на кураторот (издадени 1945-2020). Елементите организирани во неколку целини, поврзани во логичен просторен след на ѕидови и во просторот, поставени на постаменти и витрини , со текст што го разјаснува и дефинира контекстот. Меѓу останатите дела ќе бидат и изложени, оригинални публикации, меѓу кои и легендарната фото-книга „Deutschland, Deutschland, uber alles” на Курт Тухолски, со корица и фотомонтажи на Џон Хартфилд, како и некои од неговите современици.
 
 
 
 
Целта на овој проект е запознавање на пошироката публика со делото на Џон Хартфилд и контекстот во кој се појавува новиот медиум на фотомонтажата, неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички ангажман.
 
 
 
 
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија како дел од Годишната програма за финансирање проекти од Национален интерес во областа на ликовната уметност, дизајнот и архитектурата за 2021 година.
 
Настанот ќе се одржи со почитување на сите препораки за заштита од Ковид-19.
Сподели: