Алтернатива Настани

МСУ: Изложба на НАДА ПРЉА – “АдаН, во градот на огнот”

Сподели:

 

Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 декември (петок) во 20 часот ќе биде отворена изложба на Нада Прља, со наслов „АдаН во градот на огнот“.

Во рамките на инсталација инкорпорирани се стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ.

Под влијание на глобалната криза, што подразбира дека можниот крај не е само имагинарен, Нада Прља на изложбата поставува редица прашања што рефлектираат на нашите состојби во светот денес, но и прашања што се однесуваат на тоа што значи да се биде уметник денес.
Поточно, една од основните дилеми е како и што да се создава кога сите ресурси забрзано се исцрпуваат и кога на производството на нови добра и нови вредности се гледа како на исклучок?
Дали и како овие состојби влијаат на работата на уметниците и дали и како тоа може да го промени начинот на кој ние ја вреднуваме културната продукција. Ова може да се прошири и на размислувањето дали оваа криза ќе влијае и на тоа како го вреднуваме и нашето постоење како човечки суштества.

Изложбата „АдаН во градот на огнот“ е обид да се постават и промислат овие прашања и обид да се побараат нови креативни методи соодветни на светот во кој живееме. Со цел да ги испита овие можни нови методи, Прља создава свој алтер его – Адан, лик од стрип, кој во серија стрип новели истражува како и што значи да се создава уметничко дело во денешно време. Адан нуди три модели на создавање: со позајмување на уметнички дела да се рефлектира на субверзивен начин на историјата; со повторна употреба или рециклирање на материјалите и идеите од позајмените дела, па дури и од сопствените дела; и конечно со демистификација или “де-уметнификација“ на уметничкото дело и негово отворање за друга употреба. Три стрип новели во кои се артикулираат овие постулати, ќе бидат отпечатени и дистрибуирани во текот на трањето на изложбата. Првата новела (Пилот), во која се појавува ликот Адан, ќе биде претставена на отворањето на изложбата.

Како резиме на овие идеи и обиди за модификување на начините на работење и на гледање на културата, Прља не води во 3030 година со цел на гледачот да му понуди малку поизострена визура на нашата денешна цивилизација, која според приказната на Адан исчезнала на 20. 02. 2020 година. Според приказната, една нова цивилизација во 3030 година ја открива тајната на Адан во нејзиното создавање, пресоздавање и рециклирање на уметнички дела од Адан во очи на денот на пропаста на цивилизацијата.

Изложбата ќе биде отворена се до 21 февруари 2020 година.

Сподели: