Алтернатива Настани

МСУ: “Скокни!” – Изложба на Ахмет Огут

Сподели:

 

МСУ – Скопје, на 26 мај ќе ја претстави самостојната изложба „Скокни!“ на еден од најзначајните уметници на интернационалната сцена, Ахмет Огут.

Изложбата  ќе се отвори на 26 мај 2022 година, во Музејот на современата уметност – Скопје со почеток од 20 часот. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Пред отворањето на изложбата, во 19 часот, публиката ќе може да присуствува на разговор и водење низ изложбата во присуство на уметникот.
Проектите на Ахмет Огут во голема мера се однесуваат на собирање локални приказни и барање сличности на друго место. Политички, авторот ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост што постојат меѓу нас и другите видови, меѓу луѓето од минатото и оние што допрва доаѓаат.
За изложбата во МСУ Скопје, уметникот ќе изработи ново дело насловено „Скокни!“. Делото е инспирирано од чинoт на солидарност кога со подароци од автори од целиот свет, по земјотресот во Скопје во 1963 година, МСУ – Скопје станува дом на исклучителна колекција на современа уметност во земјата.

Уметникот поставува дела од колекцијата, по неков личен избор високо над окото на набљудувачот, во изместен хоризонт, кој реферира не само на поместениот баланс при земјотресот, туку и на поместување на политичкиот хоризонт и нивната меѓусебна поврзаност. Гледачите стануваат изведувачи додека се активираат нивните сеќавања поврзани со историјата што колективно ја доживуваат преку сопственото физичко искуство, во скок, и низ поинаква перспектива на дела од колекцијата.

Избраните дела од уметникот од колекцијата на МСУ ја реконструираат нивната оригинална мисија за поврзување на локалните и глобалните наративи во денешниот социо-политички контекст, и го откриваат неговиот обид за дејствување врз основа на радикалната историја на уметноста и за секојдневна социјална интеракција низ уметничките дела кои поставуваат прашања како што се институционалната деколонизација, репрезентацијата на женски автори, ЛГБТ- прашањата и слично. Оттука, делото освен што реактуелизира важен социо-географски настан, прави „скок“ во поинаков наратив, преку современа интерпретација, како начин за надминување на тагата, како компромис и колаборативен процес.

Практиката на Огут е фокусирана на создавање одржливи идеи за животот и реинтерпретација на секојдневието, со акцент на секојдневните средби, моментите на импровизација и генерирање нови политички аргументи.
Преку инсталации, скулптури, цртежи, колажи и видео дела, инспирирани од општествената, културната и политичката реалност, изложбата со императивен наслов „Скокни!“ го поканува посетителот да излезе од комфорната зона и досегашните навики на перципирање и размислување и да одговори на новите предизвици од поинаква перспектива.

Изложбата опфаќа теми како што се институционалната екологија и структурна нееднаквост преку серијата скулптури „Живи суштества кои запоседнуваат институции“, со нагласок дека живите суштества и култури во нивните многу различни форми и покрај исклучувачките политики ќе најдат начини да коегзистираат; серијата цртежи „Фантазиран фантастичен телесен свет“ иронични и парадоксални искуства за државната репресија врз управувањето со секојдневниот живот; интервенциите врз оригиналните пликоа од Малта, како „социјални редимејди“ кои пренесуваат политички пораки во земјата и надвор од неа; серијата колажи „Rec Date July 95“ кои се совпаѓање на офлајн вестите на Ројтерс за настани што се случиле во Јужна Кореја, Франција, Русија, Германија и Јапонија во јули 1995 година.
Уметникот нѐ повикува да „скокнеме“ во нови однесувања и вредности, нови наративи со нивните просторни импликации, да ја презамислиме мрежната поврзаност помеѓу човечкиот и нечовечкиот живот, нивната зависност и симбиоза, да направиме „скок“ во променети и кон променливи општествени норми, наспроти културата на секојдневното грубо и политички сурово.
Сите микроприказни и важни историски настани, во делата на Ахмет Огут реконтекстуализирани низ различни техники ја нагласуваат идејата дека она што е надреално се околностите, а не реалните настани. Тие се активатори на имагинацијата, стимулации за проширување на опсегот на можна реинвенција на нови начини за формулирање на проблемите, ослободени од императивот наметнат од државата. Според тоа, средбата со неговите дела станува еден вид покана за општествен ангажман.

Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, Асоцијацијата Саха од Турција, ЕВН Македонија и Тиквеш.

Сподели: