Мукаетов: Како домаќини на ЕП во ракомет да покажеме дека сме сплотени и да биде светски

Сподели

 

Македонија за првпат ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство за жени, кое ќе се одржи од 4 до 20 ноември.

Ракометната федерација на Македонија денеска организираше прес-настан на кој покрај претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и ЕХФ Амбасадорот на шампионатот Гордана Нацева, присуствуваше и комплетната македонска репрезентација предводена од селекторот Кирил Лазаров.

Живко Мукаетов побара од навивачите и сите ракометни работници да учествуваат во организацијата на турнирот, со цел да се покаже дека државата е зрела за домаќинство на вакви големи спортски настани.

 

 

“Би сакал да продолжиме да работиме заедно, за да продолжиме да градиме подобар македонски ракомет и натпреварите да ги одиграме со срце, за Македонија. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број, да им дадеме поддршка на нашите девојки на овој турнир, да докажеме дека сме добри домаќини и дека Македонија е подготвена да направи нешто специјално и да покажеме што значи спортот број еден во нашата земја“, порача Мукаетов.

На денешната конференција се обрати и поранешната репрезентативка и амбасадорка на шампионатот, Гордана Нацева.

 

 

„Свесни сме колку е важно што добивме можност да сме домаќини на едно Европско првенство. Испраќам поздрав до ракометната федерација, која ги вложи сите свои потенцијали за да добие домаќинство на еден ваков настан. Репрезентативките работат напорно и сакаат да одиграат најдобро што можат. Со верба и помош од трибините, ниту една цел не е недостижна. Да бидеме добри домаќини и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, рече Нацева.

Селекторот на машката ракометна репрезентациа на Македонија, Кирил Лазаров изрази голема подршка за женската репрезентација пред настапот на Европското првенство.

 

 

„Не е лесно да се добие организација на еден ваков настан како Европското првенство. Би сакал сите да придонесеме и да покажеме дека сме добри домаќини и дека сме ракометна земја. Очекувам полни трибини и максимална поддршка, која нашите репрезентативки целосно ја заслужуваат“, изјави селекторот Лазаров.

Нашата репрезентација ќе игра во група заедно со Франција, Романија и Холандија.