Мултимедијален проект „Сеќавања“ во КИЦ – Софија

Сподели

 

Во галеријата на КИЦ на РС Македонија во Софија вечер (4 јули), од 18:30 часот, ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Сеќавања“ на Фунда Ибрахим, Батухан Ибрахим и Беди Ибрахим. Проектот содржи изложба на сликарски дела, уметнички инсталации и видеоарт од тројцата автори, активни во ликовната, филмската и во театарската уметност. Изложбата ќе може да се посети до 17 јули.

– Проектот „Сеќавања“ е постојано истражување и експериментирање на полето на цртежот, скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста што се темелат врз сопствената историја и традиција. „Сеќавања“ е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставуваат активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото – информираат од КИЦ во Софија. Оттаму додаваат дека концептот за овој проект на извесен начин претставува продолжение на суптилната поетика на потрагата по сопствената историја.  

– Проектот е мултимедијална археологија на душата, чувар на сопственото и сојузник на туѓото сеќавање, лоцирано на другата страна на заборавот и продолжување на меморијата. „Сеќавање“ е вообличен во предметите што ги кријат историските пластови, паметењето, пораките… врз кои се интервенира, се надградува и се збогатува со разни приказни, спојувајќи ги трагите од минатото, со втиснатите траги од сегашното време – нагласуваат од КИЦ во Софија.

Фунда Ибрахим дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1999 година, на одделот Драмски актери во првата генерација на турски јазик во класата на Љубиша Георгиевски. Од 2006 година е вработена како драмски актер во НУ Турски театар – Скопје. Има играно во неколку телевизиски серии и во над 30  театарски претстави. Учествува во неколку самостојни ликовни проекти и истражувања со ликовниот уметник, скулпторот Беди Ибрахим.

Батухан Ибрахим дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на одделот Филмска и ТВ-режија во класата на Антонио Митриќески. Во своето досегашно творештво има изработено 9 кратки филмови кои се прикажувани на многубројни меѓународни фестивали на кои имаат добиено над 15 награди.  

Беди Ибрахим дипломирал на ФЛУ на Одделот за скулптура, а во 1999 година завршил постдипломски студии на истиот Факултет. Од 1985 година е член на групата „Зеро“. Од 2002 година до денес работи на ФЛУ како редовен професор на вајарскиот оддел.