МВР распишува оглас за вработување на нови 600 полицајци

Сподели

politsija-4

Министерството за внатрешни работи распишува оглас за вработување на 600 нови полицајци, дознава „Мета“. Огласот, треба да биде објавен утре во „Службен весник“ и во утрешните изданија на дел од дневните весници.

Како што може да се прочита од огласот, станува збор за прием на „600 извршители на работното место полицаец“, за работа во Министерството за внатрешни работи.

Најголем дел од кандидатите, односно 100 од нив, кои ќе ги поминат обуките и ќе бидат примени, според огласот, ќе бидат распоредени во организациските единици со седиште во Скопје, потоа 165 во Регионалните центри за гранични работи Север – Скопје, Југ и Запад, 50 полицајци ќе бидат вработени во Секторите за внатрешни работи во Охрид и Струмица, додека останатите ќе бидат распоредени во безмалку сите полициски станици во Скопје.

Во огласот се наведени условите за пријавување на конкурсот, како и методологијата за селекција на кандидатите.

По селекцијата, избраните кандидати за полицајци ќе склучат договор за основна обука, која ќе трае една година, а на неа ќе бидат упатени „за 10 отсто поголем број на кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан огласот“-

Распишувањето на конкурсот доаѓа во период кога преговорите меѓу партии потписнички на Договорот од Пржино се најдоа во ќор-сокак, околу прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи.

Претходно Собранието преку измени на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи, донесе решенија со кои ги скрати ингеренциите на министерот за внатрешни работи и ја засили позицијата на директорот на Бирото за јавна безбедност.

И лани во јули МВР распиша конкурс за прием на 600 полицајци.

Во мај годинава министерот Митко Чавков, веднаш по повторното преземање на функцијата ги потпиша договорите за вработување на 400 полициски службеници.

Според податоци кои „Блумберг“ ги објави во 2008 година, во Македонија тогаш имало 9.905 полицајци.

Во 2014 година поранешниот помошник-министер за односи со јавност на МВР,  Иво Котевски изјави дека имаме околу 8.500 полицијаци, а според буџетот за плати, во МВР (вклучувајќи ја и администрацијата) имало 10.925 вработени.

meta.mk