На пленарна седница ќе се гласа за составот на собраниските комисии

Сподели

 

Собранието денеска треба да ја одржи седницата на чиј дневен ред ќе биде изборот на составот на работните тела на Парламентот. 

Составот на работните тела помина и на седница на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која беше потенцирано дека бил постигнат консензус меѓу сите пратенички групи во Собранието.

На дневен ред на оваа седница е и верификацијата на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Според Џафери, на оваа седница нема можност за други точки на дневен ред бидејќи материјалите претходно треба да поминат на соодветните собраниски комисии.

Предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија во петокот беше усвоена на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Во однос на кворумот за работа на Собранието, имајќи предвид дека еден пратеник беше на Инфективната клиника, и не е верификуван мандатот на уште еден, претседателот на Парламентот е убеден дека нема никакво стравување затоа што, како што рече, за собраниските комисии е постигнат консензус меѓу парламентарните партии и од власта и од опозицијата.

Во меѓувреме Собранието работи на барање алтернативен начин за одржување седници во вонредни услови, односно онлајн седници и гласање поврзано со пандемијата со ковид-19. Собранискиот претседател истакна дека за утврдување на таквиот алтернативен начин на работа ќе бидат потребни два до три месеци, и оти поради тоа засега седниците ќе се одржуваат во салата со купола, а гласовите ќе се бројат рачно.

МИА