Вести Македонија Ударни вести

Над Скопје ќе прелетаат два американски воени авиони Ф-35

Сподели:

 

Два борбени авиони од типот Ф-35 на Националната гарда на Вермонт, денеска извршија прелет и слетаа на аеродромот во Петровец, а попладнево ќе прелетаат и над Скопје, соопшти Министерството за одбрана, кое вели дека станува збор за „приказ на силното сојузништво и единство во Алијансата, како и на речиси тридецениското партнерство меѓу Армијата на Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт и подготвеноста на Алијансата да ја заштити безбедноста на своите земји членки“.

 

 

Американските воени авиони Ф-35 се меѓу најнапредните воени летала на денешницата. Станува збор за едноседи, едномоторни повеќенаменски борбени авиони. Имаат способности за електронско војување и разузнавање, надзор и извидување. Повеќенаменскиот борбен авион од петтата генерација е фокусиран на воспоставување на воздушна супериорност и реализација на мисии воздух-земја.

На церемонијата на скопскиот аеродром присуствуваа министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменик амбасадорот на САД, Ерик Маер и потполковникот Џон Мекреј од Националната гарда на Вермонт.

Министерката Петровска во изјава за медиумите порача дека слетувањето на авионите Ф-35 на македонска територија е непобитен доказ дека Северна Македонија е дел од нешто што е поголемо од сите нас и дека зад нашата безбедност и безбедноста на Алијансата стојат сите сојузници со своите капацитети и способности.

Полковникот Џон Мекреј, укажувајќи на тридецениската врска помеѓу Вермонт и Северна Македонија, истакна дека и Северна Македонија дава свој придонес кон одржувањето на подготвеноста на силите.

„Северна Македонија обезбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром во Петровец и полигонот за обука Криволак кои ни се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност. Воздухопловните сили на НАТО, пак, имаат шанса да тренираат заедно со вашиот Воздухопловен Винг и Армијата за да ја гарантираат сегашната и идната безбедност на Северна Македонија, на балканскиот регион и на Европа“, подвлече тој./мета.мк

Сподели: