Наградени автори на “ОСТЕН Биенале 2019” во Св. Наум-Охрид

Сподели

 

Од 12 – 26 септември 2019 во манастирскиот комплекс Св. Наум-Охрид се одржа главната активност на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на НАГРАДЕНИ АВТОРИ 2019 – првиот дел од Програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН, во која учествуваа 7 уметници од 5 земји во светот. Учесниците се наградени автори на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА ЦРТЕЖ, а беа присутни и гости и соработници на ОСТЕН.

 

Уметници-учесници на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на НАГРАДЕНИ АВТОРИ 2019:

  1. Ахмет АЛБАЈРАК, Турција
  2. Гоце БОЖУРСКИ, С. Македонија
  3. Мати ГРУНБЕРГ, Израел
  4. Невзат Бејтули КИЦА, С. Македонија
  5. Харис КОНДОСФИРИС, Грција
  6. Росица ЛАЗЕСКА, С. Македонија
  7. Јошкин ШИЉАН, Србија

 

Гости на манифестацијата: Мице ЈАНКУЛОВСКИ, С. Македонија, Славко УПЕВЧЕ, С. Македонија, Рафи КАЈСЕР, Франција (во соработка со Францускиот Институт во Скопје)

 

 

Оваа година, Програмата за престој на уметници во манастирскиот комплекс Св. Наум во Охрид. ОСТЕН ја организираше во соработка со Град Охрид.

Делата кои се продуцираат во рамките на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА НАГРАДЕНИ АВТОРИ, како и делата од наградените автори на секое издание на манифестациите ОСТЕН БИЕНАЛЕ НА ЦРТЕЖ, се дел од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж, прв ваков евидентиран музеј во светот. Документираната збирка со над 13.000 уметнчки дела од околу 3000 автори од 80 земји во светот е најголемото досегашно достигнување на ОСТЕН Скопје.

За време на одвивањето, Програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН во рамките на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА НАГРАДЕНИ АВТОРИ 2019 во Св. Наум ја посетија Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан и Архимандритот Мефодии од Валаамскиот манастир во Русија, како и Директорот на „Арт Тесалоники“ Пантелис Цацис од Солун, Грција и професорот и уметнички критичар Манос Стефанидис од Атина, Грција.

Програмата за престој на уметници која се одвива во Хотел Св. Наум, Охрид од 12-26 септември 2019 е првиот дел од ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА НАГРАДЕНИ АВТОРИ 2019, додека вториот дел ќе се одвива во наредниот период во ОСТЕН Арт хотелот во Скопје. Изложбата на делата создадени во рамките на Програмата, како и доделувањето на наградите и признанијата на уметниците ќе биде во рамките на одбележувањето на 75 години ОСТЕН, во септември 2020 г.

 

За доловување на атмосферата во која креираа уметниците во текот на Програмата пренесуваме зборови од Наоми Азар, писател, животниот сопатник на Мати Грунберг, која беше во Св. Наум заедно со уметниците: „Сите учесници се одлични уметници, познати во својата земја, некои и меѓународно реномирани. Се разбира, секој од нив е добитник на награда на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА ЦРТЕЖ. Изборот на уметниците – учесници и атмосферата што ја пренесуваат  организаторите, создава околина на креативност, дарежливост и меѓусебно споделување. Атмосферата е опуштена, уметниците разменуваат мислења и идеи за нивното творештво и за уметноста воопшто и работат на своите дела. Не може да се каже дека се работи за група на уметници кои меѓусебно си конкурираат“.

 

………………………..

 

ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА НАГРАДЕНИ АВТОРИ е дел од СВЕТСКАТА ГАЛЕРИЈА НА ЦРТЕЖ, концепт-манифестација која се состои од меѓусебно поврзани манифестации:

 

ОСТЕН БИЕНАЛЕ НА НАГРАДЕНИ АВТОРИ (се одржува во непарните години) – биенална меѓународна манифестација каде централен настан е Програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН, изложбата на дела продуцирани во рамките на Програмата и објавување на наградите. Тука учествуваат наградени уметници од ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА ЦРТЕЖ, а наградите се дефинираат со воспоставен систем на гласање на Амбасадорите на ОСТЕН.

 

ОСТЕН БИЕНАЛЕ НА ЦРТЕЖ (се одржува во парните години) – меѓународен биенален конкурс за цртеж и повеќе други категории од уметноста на хартија, каде централен настан е објавувањето на наградите и изложба на селектирани дела.  На неа земаат учество уметници од цел свет, а селекцијата и изборот на награди го прави интернационално жири.