НОРМАЛНО Е – Рада ПЕТРУШЕВА

Сподели

Петок е ден кога секој нормален вари грав, во сабота го дојадува,
го покиснува лонецот, па во Недела го мие.
Така треба
Да се ожениш пред триесеттата, да имаш барем две деца , исто така е нормално…
Да имаш диплома, работа и кров над глава …таков е редот
И да имаш неплатени сметки, рати и камати… исто така
Нормално е ако имаш жена и една љубов на страна
трансакциска една и плус една, со црн фонд за “некад“
свое столче во кафана
свое друштво за опивање
некоја соба на таван за плачење,
кога сам си признаваш дека самиот си виновен за се
и скап тросед од кожа во дневната, во кој молчиш,
дека се е кажано
Нормален си, ако стануваш и за празник, без аларм по навика, како што јадеш брзо, на стоење,
пресолено луто и благо , по ред
Еднаш седмично, ја поминуваш жена ти ,
(она среќна)
два пати ги макљаш децата, дека бесни
(дека несреќен)
три пати ја радуваш, онаа жена му на шефот, на кој не смееш ни еднаш годишно, да му ги покажеш забите,
Славиш една зимска,
поштуеш две летни слави од пријателите,
им купуваш ефтино вино, во скапа кеса за имендени на оние кои те канат,
псуеш политичари по родендени од деца на роднините одродени
играш едно оро на свадби од некои туѓи , да ти помине редот ,со коверт розев и парите за струја во него
па чекаш во редот
…да платиш, да ти ја вклучат повторно.
Чекаш да почне грејна сезона, за да плаќаш нешто што конечно ќе го добиваш, за да имаш на што да го лепиш грбот, за да ти ја стопли снагата.
Нормално е , што душата во конзерва ја носиш ,
излупана,
како Аудито излупено под церадата,
паркирано на трупци, со чичка нови навлаки, покриени со кебињата од чеизот на жена ти.
Ти недостига пролет, во сите есени во косата и реума во сеќавањата, кои болат кога ќе легнеш под јорганот кој мириса на јоргован од омекнувач виолетов…
и нормално е,
да не сакаш да се разбудиш
Нормален си, ако одиш до Охрид на една недела,
два викенда до Солун на шопинг на попусти
ако чорапите ги носиш додека не им излезат прстите,
ако ги крпиш омилените кошули,
ако не пеглаш на скапа
…па ни на ефтина
ако слушаш се иста музика,
ако потпевнуваш кога си сам,
Филмот од младоста го загледуваш и чекаш некој поинаков крај, како во животот
ако се звериш во фб барајќи инспирација
било каква,
за здрава храна, здрав живот, здрави жени

Ако тоа ти е единствена радост другарче
Нормален си!
Исто како жена ти, која знае дека кога ќе го исплатите кредитот за лап-топот, можеби ќе сакаш, да се задолжиш во Нептун, за нова машина за перење
(ако не рикне телевизорот)

Ајде…твоето време истече!
Стани од каучот и испиј го чајот…
Јак е , ќе те разбуди!