Новата нуклеарна уцена на Путин – Дина Капаева

Сподели

 

Нема сомнение дека нуклеарните закани на Владимир Путин мора да се сфатат сериозно. Сепак, ако Западот попушти пред оваа сегашна уцена и му дозволи да полага право на територии од Украина, како и да прогласи победа во војната, тогаш сегашниот светски поредок ќе пропадне, а многу други народи во светот со страв ќе гледаат кон иднината, пишува Дина Капаева, за Республика.

Неодамна рускиот претседател Владимир Путин објави „делумна мобилизација“ на руските вооружени сили – наводно околу 300.000 резервисти, иако има извештаи дека ваквата мобилизација ќе опфати 1,2 милиони луѓе. Откако ја слушнав оваа вест, ѝ се јавив на една пријателка која живее во Санкт Петербург и која низ солзи ми објасни дека нејзиниот 30-годишен син повеќе би сакал да оди во затвор отколку да се бори во Украина, каде што е погребана неговата баба – Украинка со еврејско потекло. Тој сега работи од далечина, од страв да не го „фатат“ на улица.

Ова е втор пат во животот да слушнам некој мој пријател да плаче. Првиот пат беше на 24 февруари, кога Русија ја нападна Украина.

Приказната на оваа моја пријателка не е единствена.

Дина Капаева

Низ цела Русија, луѓето кои некогаш гледаа на политиката како на нешто далечно и апстрактно, сега се сосема свесни и честопати вознемирени од политичките случувања. Но, не сите потенцијални регрути реагираат на мобилизацијата – или уште наречена „могилизација“ според рускиот сленг (могила значи „гроб“) – како што реагира синот на мојата пријателка. Всушност, секој што се надева дека народниот отпор ќе ја спречи мобилизацијата веројатно ќе биде разочаран.

Иако многумина од Русите можеби не сакаат да загинат во војна (околу 200.000 веќе избегаа во странство), тие во најголем дел не се обидуваат да ја избегнат мобилизацијата. Ова веројатно е делумен одраз на нивниот страв да се соочат со кривичните казни за избегнување на воен рок, кои тукушто беа зајакнати од страна на руската Дума. Но, многумина папагалски ја повторуваат пропагандата на Путин, велејќи дека „…на крајот на краиштата, Украинците се фашисти“ и дека Западот и Украина „ионака нè мразат“.

Младите се тешат мислејќи дека нема да бидат регрутирани или, барем, дека ќе поминат низ „доволно обука“ (можеби со времетраење од три или четири месеци) пред да бидат распоредени. Сепак, на почетокот на војната во февруари испратени на фронтот беа млади регрути и нема причина да се мисли дека тоа сега нема да биде така, и тоа најмалку поради тоа што Русија нема соодветна воена инфраструктура и тренери.

Во таа смисла, повеќето млади Руси изгледаат подготвени пасивно да ја прифатат својата судбина, дури и ако тоа значи дека ќе бидат испратени да загинат за криминалната војна на криминалниот режим. Тие ќе станат топовско месо не за некоја голема цел, туку затоа што Путин е исплашен од револуција, особено од онаа „портокаловата“ која произлезе од Украина.

Овој страв достигна ниво на неподносливост во 2019 година, кога Украинците го избраа претседателот Володимир Зеленски врз основа на продемократска и антикорупциска платформа. Постоењето на просперитетна, демократска и западно ориентирана Украина е анатема за Путин бидејќи покажува дека Русите не треба да живеат под клептократски авторитаризам. Путин очигледно се почувствува загрозен поради можното губење на политичката контрола врз опозицијата. Кремљ не направи речиси ништо за да им овозможи поддршка на луѓето за време на пандемијата со Ковид-19 а Русите масовно одбиваа да се вакцинираат со Спутник V. Сето ова покажа колку е важно тоа што се случи: губењето на довербата во режимот.

Февруарскиот блицкриг, по кој следеше победничка парада во Киев, имаше за цел да ја врати во живот сè помалата популарност на Путин и на тој начин да го зачува неговиот режим. Кремљ не штедеше напори да ги собере сите Руси околу „специјалната воена операција“, особено со повикување на сеќавањата за „Големата патриотска војна“ против нацизмот. Но, замислите на Путин набрзо се судрија со живиот украински отпор и притоа стана јасно дека Русија нема лесно да ја повтори анексијата на Крим во 2014 година, која повеќето Руси ја поздравија и која се соочи со минимално спротивставување од Западот.

Сега Западот мора исто така да им се спротивстави на Путиновите нови закани за распоредување на нуклеарно оружје. Ваквите закани не се изненадување: Путин користи реторика на „судниот ден и тоа почесто од сите други европски лидери заедно. Во 2000-та година (инаку прва година на Путин како претседател) беше поставена нова воена доктрина која содржи јасно изразена нуклеарна уцена. Во 2010 година, за време на претседателскиот мандат на марионетата на Путин, Дмитриј Медведев (инаку сега е главен јастреб на војната во Русија) ваквата уцена стана исклучително јасно изразена, со изјава дека нуклеарното оружје може да се користи за „одбрана“ а како одговор на „заканата за постоењето на руската држава“.

Во основата на користењето на нуклеарната уцена од страна на Кремљ се наоѓаат две претпоставки. Првата е дека Западот ќе отстапи, и тоа поради неговата „одговорна политика“. Соочени со изгледите за нуклеарна војна, исплашените граѓани ќе ги притискаат владите кои тие ги избрале да применуваат преговори и да ја смируваат состојбата. Втората е дека политичкото единство на Западот против Русија не може да ја издржи заканата од нуклеарен Армагедон; наместо тоа, секоја земја ќе се бори да се спаси себеси преку обид да склучи свој договор со Кремљ. Одлуката на Западот да ги повлече своите удари по руската инвазија на Украина во 2014 година веројатно ги засили ваквите претпоставки.

Сега, Путин оди и чекор понатаму со својата нуклеарна уцена. Со организирање на лажни референдуми во окупираните делови на областите Лугањск, Доњецк, Херсон и Запорожје во Украина, се чини дека го подготвува теренот за употреба на нуклеарно оружје за да ја „одбрани“ украинската територија, која е узурпирана од Русија, од тоа да биде ослободена од украинската војска.

Како што беше потврдено и од набљудувачите, веќе се случиле напади на руска територија и тоа во регионите Белгород и Курск, и не беше употребено нуклеарно оружје. Дополнително, ниту „жителот на бункерот“, како што некои блогери-критичари го нарекуваат Путин, ниту крадците од неговиот близок круг не изгледа дека се подготвени да загинат поради која било причина. Тие можеби се помалку подготвени да започнат нуклеарна војна отколку што сакаат светот да верува во тоа.

Не знаеме ништо за рускиот синџир на команда во однос на лансирањето нуклеарно оружје, вклучително и тоа дали сите во тој синџир ќе ја послушаат наредбата за лансирање на оружјето. За време на кубанската ракетна криза во 1962 година, Васили Аркипов, инаку советски офицер во една од подморниците, одби да лансира нуклеарна ракета, а да не зборуваме за тоа дека оружјето на Путин понекогаш откажува.

Имајќи предвид дека единственото нешто што пријателите на Путин навистина го почитуваат се нивните лични животи и своето богатство, тие веројатно веќе го бараат вистинскиот кандидат за негов наследник. Ако неговата војна во Украина не може да го заштити нивниот мафијашки режим, можеби тоа ќе може да го направи неговиот наследник со кој Западот е подготвен да преговара.

Набљудувајќи ја тактиката на Путин, не може а да не помислиме дека станува збор за крадец кој се обидува да ја заплаши жртвата со користење на нож. Дали тој нож ќе се користи или не зависи од реакцијата на жртвата, од околностите (на пример, од тоа дали некој друг ќе интервенира) и од среќата. Како наводни предводници на битката која ја бие Украина, ова е нешто што западните сили треба да го земат предвид.

Нема сомнение дека нуклеарните закани на Владимир Путин мора да се сфатат сериозно. Сепак, ако Западот попушти пред оваа сегашна уцена и му дозволи да полага право на територии од Украина, како и да прогласи победа во војната, тогаш сегашниот светски поредок ќе пропадне, а многу други народи во светот со страв ќе гледаат кон иднината.