Ново видео „По патот на светлината“ на Стефанија – Девојчето со долгата коса

Сподели

Овој видео запис е трет од четирите спотови кои се поврзани во приказната на
„Девојчето со долгата коса“, според истоимениот албум кој беше промовиран на крајот
од 2023-та година.

„По патот на светлината“ е музичко-уметничка рефлексија на Стефанија, поврзана со проникнувањето во суштината на најсуштинските потреби во денешницата, одејќи по патот на Светлината, затворените катанци на душата, се отвораат со клучот на Вистината. Кога ќе се пронајде Вистината, настапува мудроста на старец и среќата на чисто дете.

Песната е авторска музика и текст, дело на Стефанија и е снимана во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World. Музиката го пренесува тоа духовно доживување со современи синт – поп примеси, а текстот ја доловува самата поента.

,,По патот на светлината
Чекор по чекор одам
Глава крената нагоре
Споена со тишината
Чекорот е мерка
Мерката за време
Времето илузија
на неоткриеното
Во тебе
Поглед и преглед
Со сила на енергија
Мудроста на старец
И среќата на чисто дете
Со нежноста на пердув
и топлина во гради
раката на срце
греам како сонце
војник на вистината
со љубов ќе променувам“. – Стефанија

Претходно направениот аранжман на Петар Димитровски, добива нов аранжман од Стефанија, збогатен со гитарските звуци на Владимир Враниќ, а нов микс и целосен мастеринг прави Владимир Аговски.

Таа светлина и топлина ја носи исконската љубов, која во самиот видеозапис е претставена преку кучето Јована, најдобрата пријателка и придружничка на Стефанија. Љубовта е во нас и насекаде околу нас, изворот е во природата, тоа го пренесуваат зелените кадри од пелистерските шуми над Битола. Видеозаписот го снима Владимир Бошковски, режија и монтажа прави Стефанија. Сите уникатни костими кои ги носи Стефанија се дело на нејзината мајка, модна дизајнерка Анастасија Зулевска (Анастасија Центар). Фризурата на Девојчето со долгата коса, ја прави Андријана Петровска (Арија).

„Можеби е лудост упорно да го бараш патот на светлината во овие чудни времиња, но сум благодарна за издржливоста и вербата кои упорно ми ја покажуваат Вистината. Колку и да ја игнорираме, криеме, преправаме, Вистината е една! Музика и љубов за сите кои ја одбираат Светлината!“ изјавува Стефанија.

Идејата на албумот „Девојчето со долгата коса“ е откривање на себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Со акцентирање на детето, кое прераснува во возрасна и свесна личност, повторно се враќаме на основните и суштински детски потреби и вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Тие водат кон подигнување на свеста и осознавање на духовната слобода. Емотивните состојби во кои поминува една личност во порцесот на себеосвестување, падови и возвишувања, се пренесени преку текстовите на Стефанија. Таа има за цел на овој начин да ја подигнува свеста и да провоцира основни прашања кон себеспознавањето. Да акцентира колку еден човек е важен да се пронајде и открие себеси, па така на позитивен начин да влијае на колективната свест. Се претставува како комплетен артист, пренесувајќи посебен однос кон сцената на современиот македонски уметник.

Стефанија Милевска Враниќ е музички артист, дипломиран музиколог по поп и џез пеење во Софија, Бугарија. Моментално посетува Магистерски студии, отсек методологија и педагогија на современ танц. Стефанија е уметнички директор и основач на „Анастасија Центар“ Битола (центар за музика, танц, мода и уметност), каде исто така е професионален музички педагог, танц инструктор, музички терапевт, едукатор, кореограф и режисер. Ја формира музичката и видео продукција Welcome to Stefanija’s Music World, каде издава авторска музика и е композитор, тексописец и продуцент. Прави интеграција на музичката и танцова терапија во Македонија, основач е на платформата Flow & Movement Concept training.
Повеќе инфо за Стефанија на www.stefanijaofficial.com.