Новото трослојно сликарство во Лешок е мотив да се продолжи со инвестициите во заштитата

Сподели

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја посети црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, тетовско, каде се запозна со новото откритие на конзерваторите кои наидоа на постари слоеви и трослојно сликарство на фрескоживописот во овој значаен споменик на културата, што претставува вистинска реткост.

Заштитата на оваа црква изминатите пет години е издвоен како приоритет во Програмата на Владата, а надлежната установа, НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, со средства од Министерството за култура, изврши препокривање и архитектонска консолидација на објектот.

Конзерваторскиот проект за ѕидно сликарство во оваа црква го реализираа стручни екипи од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, а се одвиваше  етапно, изминатите три години со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Со истражувачките активности беа потврдени двете претходно евидентирани фази на живописот од 19 век и 17 век, а за најстариот, трет слој  живопис постоеја само посредни, пишани извори.

Сега откриениот, трет слој живопис доби и материјална потврда, а се наоѓа во олтарот, во долната зона, под слојот од 17 век и се работи за фигура на архиереј во цел раст со свиток во раката.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска го поздрави откритието на конзерваторите и ја нагласи важноста од развивањето и унапредувањето на конзерваторската дејност во нашата држава. Таа ја истакна и важноста од продолжување на овој проект и во наредните години, со цел да се сочува нашето вредно културно наследство.

 

 

„Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Од особена важност е и нашите национални установи успешно да ги реализираат одобрените проекти. Ќе потсетам дека оваа година, преку националните установи се одвиваат повеќе значајни проекти од областа на заштитата на културното наследство.

Се работи и ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Годинава за заштитата на културното наследство беа извоени 164 милиони денари. Како Министерство за култура,  не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни инстутуции. Заштитата е скапа работа, а стручниот кадар е дефицитарен. Мора да работиме и во оваа насока“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Конзерваторите нагласуваат дека точниот период на датирање на новооткриениот слој ќе го соопштат историчарите на уметноста.

Конзерваторот Владо Мукоски информираше дека живописот од 17 век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види и постариот  слој под него. Тој ја нагласи важноста на откриеното тројслојно сликарство и додаде дека методите кои ги применуваат се навистина иновативни, со тоа што ќе бидат презентирани и живописите и од 17 и од 19 век.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог. Според историски извори црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба.

Досега сочуваниот живопис потекнува од два периода, од 17 и 19 век и се толку мајсторски искомпонирани што претставуваат една целина за посетителот. Живописот на олтарот и нартексот е од 19 век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17 век е доста интересен, бидејќи во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14 век и белези на барокот. Во црквата има и иконостас кој  е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов.