Денес во Собранието се одбележа Меѓународниот ден на книгата и авторските права. Претседателот на Собранието, Африм Гаши рече дека иако во Собранието се навикнати да зборуваат за закони и законски процедури, задоволството е од поинаква природа кога во оваа сала зборуваме за книгата – таа основна единица во која се обликува човечката мисла.
“Собранието, во рамките на своите надлежности, прави континуирани напори за унапредување на законската регулатива во заштита на авторските права, поддршка на авторите и создавање простор каде што пишаниот збор може да се развива достоинствено. Овој настан е исто така израз на нашата посветеност кон промоцијата на книгата и културата на читањето.
Како претседател на Собранието, вложувам напори за проектирање на достоинствена собраниска библиотека, која има за цел да биде жив простор на мислата, место на средба меѓу знаењето и одлучувањето, каде што книгата не е поставено само како институционален декор, туку како ориентациски компас.
Сепак, главната порака сакам да им ја упатам на студентите.
Вие сте во фаза во која се обликува знаењето и начинот на размислување. Книгите што ги избирате денес, начинот на кој ги читате, ги толкувате и ги разбирате, како и прашањата што ги поставувате, се дел од процесот кој директно ќе влијае врз тоа како ќе го разберете светот, општеството, државата, но и вашата улога во неа. Бидете сигурни дека процесот на учење не завршува со дипломирањето. Ако не сакате да заостанете, продолжете да учите и да читате.
Ајнштајн рекол: „Кога ќе престанете да учите, престанувате да живеете.“ Јас би додал: „Кога ќе престанете да читате, престанувате да мислите.“ и кога сме веќе кај мислата, доаѓаме до друг колос на знаењето, Декарт, кој рекол: „Мислам, значи постојам“.
Знам дека во оваа фаза од животот ќе читате книги од кои сакате да стекнете знаење; ќе почнете да ги читате и со критички поглед за да го развивате мислењето. Но, покрај тоа, секогаш е важно да читате со зрелост, не само како обични читатели или како критичари, туку како косоздавачи. Нека книгата ви служи како почетна точка за нови размислувања и идеи” – додаде претседателот Гаши.


