Вести Македонија

МТСП: Намалувањето на сиромаштијата почнува од децата

Сподели:

Министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, се обрати на Конференција за детска сиромаштија која ја организираа Министерството за труд и социјална политика во соработка со Светска банка и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, на која што експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата. Со оглед на тоа што 100,000 деца – секое четврто дете – живеат во сиромаштија, учесниците се согласија дека овој проблем бара преземање итни мерки.

„Социјалната реформа, која ја најавивме пред неколку дена, а ќе стартува од почетокот на наредната година, треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Бидејќи секое дете ни е важно, за сите домаќинства и за оние кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата обезбедуваме детски и образовен додаток. Ова го правиме за да им дадеме шанса на децата од сиромашните семејствата да се вклучат во образовниот процес и да имаат еднаков старт со децата од семејствата со повисоки примања“, изјави министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.

Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Според податоците од Мулти-индикаторското кластерско истражување (2011) во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште. Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да  бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца.

 

Негативните ефекти од сиромаштијата се посилни кога децата трпат долготрајна сиромаштија и штетните последици опстојуваат долгорочно не само за засегнатите лица, туку и за општеството, економијата на земјата и идните генерации.

На конференцијата се обратија и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и директорот на канцелариите на Светска банка за Косово и Македонија Марко Мантованели.

“За да ставиме крај на сиромаштијата мора да почнеме од децата. Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да бидат сиромашни кога ќе пораснат и така да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија,” рече Бенџамин Перкс.

Мантованели, пак, потенцираше дека: “Вистинска промена може да се случи ако работиме заедно на три паралелни стратегии – подобрување на социјалната помош така што ќе обебзедиме да ја примаат оние деца и семејства на кои им е најпотребна; поддршка на семејствата за да можат да подигаат успешни членови на општеството и обезбедување универзален опфат со предучилишни програми за сите деца“.

Сподели: