Одбележување 79 години од формирањето на Битолскиот театар

Сподели

 

Националната установа Народен театар – Битола денеска го одбележува 14 ноември, денот кога во 1944 година, веднаш по ослободувањето на градот, е формиран првиот македонски народен театар.

Годишнината од формирањето на НУ Народен театар – Битола ќе биде одбележана вечер со музичко-сценскиот перформанс „Парови“ во кој ќе настапи целиот ансамбл.

– „Парови“ е тема на музичко-сценскиот перформанс или таа вечна тема која се провлекува од постоењето на светот до денес. Пар, означува две суштества заедно, двојност. Науката тврди дека може да се разликуваат четири видови парови, односно драматични, конфликтни. Социјално ангажирани и занесени еден во друг партнери. Роденденската прослава почнува во парен датум, во непарна година и во парен час (20 часот), за непарен 79-ти роденден – најавија од НУ Народен театар – Битола.

Први членови и основачи на Театарот биле Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Јорго Цаца, Вера Вучкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Беко, кои ја одиграле претставата „Ѓоре Магарески“.

Во изминатите 79 години на сцената на Народниот театар – Битола во стариот грандиозен архитектонски објект, кој беше урнат во 1980 година, како и на сцените во новиот објект, одиграни се многубројни претстави, овозможени се многубројни гостувања на актери од државава и од странство, а во витрините на Театарот се изложени многубројни награди, вклучувајќи го и најновото признание, наградата „4 Ноември“ на Општина Битола.