Одбележување на 123 години од загинувањето на Гоце Делчев

Сподели:

Денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред горобот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на која е најавено и присуство на премиерот Христијан Мицкоски. 

Цвеќе на неговото вечно почивалиште, како што е најавено, меѓу другите, ќе положи собраниска делегација во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи.

По повод одбележувањето на 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, во Владата ќе се одржи трибина насловена „Темел на државноста – визија за иднината“.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Гоце Делчев е убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.

По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувал во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Сподели: