Алтернатива Настани

Охридско лето: 85 години од раѓањето на Томислав Зографски

 

Св. Софија, 18.август, 21 часот

Оваа година се навршуваат 85 години од раѓањето на композиторот Томислав Зографски (1932-2000).

Тој е еден од основоположниците на македонската композиторска школа и автор на повеќе од 150 дела. Томислав Зографски претставува значајна алка во создавањето на современиот македонски композиторски израз, не само поради неговиот личен опус, туку и поради влијанието кое го имал во создавањето на нови млади композитори преку неговата педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност чиј декан и продекан бил.

Делата на Зографски се изведувани во САД, Русија, Јужна Америка, Мексико, Австралија,Нов Зеланд, Шведска, Грција, Шпанија, Франција, Литванија, Грузија,Украина, Велика Британија, Италија и во сите центри на поранешна Југославија. Добитник е на две награди за животно дело, како и на голем број значајни награди за композиции и за филмска музика. Неговите дела се издадени на носачи на звук, а музикологот Марко Коловски е автор на монографија посветена на ликот и делото на Томислав Зографски. Дел од неговото творештво се наоѓа во библиотеките на престижни музички образовни институции во Полска, Германија, Казакстан, Русија, Швајцарија, Србија и Кина.

 

На авторската вечер посветена на творештвото на Томислав Зографски учество ќе земат реномираните македонски уметници: Марија Ѓошевска-пијано, Елена Атанасовска-Илиевска – пијано, Марија Вршкова-пијано, Даница Стојанова-пијано, Марјан Милошевски-фагот, Ристо Ѓоревски-кларинет, Билјана Камчева-флејта, Гудачки квартет „Зографски“.

Сподели: