Оксфордската вакцина против Ковид-19 покажува 70% ефикасност

Сподели

 

Вакцината за коронавирусот која ја развива Универзитетот во Оксфорд има ефикасност од 70 проценти, покажале резултатите од масовното тестирање.

Информацијата доаѓа истовремено како триумф и разочарување откако вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“ покажаа 95 процентна ефикасност.

Сепак имунизацијата од Оксфорд е многу поевтина, полесно се складира и може лесно да се дистрибуира до сите држави во светот отколку другите две. Истражувањето било спроведено на 20.000 волонтери, половина од нив од Велика Британија и половина од Бразил. Регистрирани биле 30 случаи на позитивни на Ковид-19 помеѓу луѓето кои примиле две дози од вакцината, додека 101 случај на позитивни имало кај луѓето кои примиле плацебо. Анализата според податоците е дека вакцината нуди 70 проценти ефикасност.

Необичност во резултатите е тоа што вакцината покажала 62% делотворност помеѓу луѓето кои примиле две целосни дози, додека дури 90% ефикасност кај луѓето кои првично примиле половична доза, а потоа целосна доза од вакцината. Сè уште не е познато на што се должи ваквата разлика.

За разлика од вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“, кои се базираат на РНК технологијата, Оксфордската вакцина дејствува преку генетски модифициран вирус на настинка кој е изменет за да не предизвикува инфекција и на него е додаден генетскиот код од главниот белег на новиот коронавирус – специфичните протеини со кои е обвиткан вирусот.

Во создавањето на вакцината бил користен генетски модифициран вирус на настинка.

Британската влада веќе има нарачано 100 милиони дози од вакцината, доволни за имунизација на 50 милиони луѓе.