ОН: Загрижувачкo е да ѝ се суди на 16-годишната Палестинка пред воен суд

Сподели

Обединетите нации порачаа дека е загрижувачко да ѝ се суди на 16-годишната палестинска тинејџерка Ахед Тамими пред Воениот суд на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).

Портпаролот на ОН, Стефан Дујариќ, на дневната прес-конференција, на прашањето на новинарите за овој случај одговори дека треба да се почитуваат човековите права.

„Треба да разбереме дека потребно е да се почитуваат човековите права. Посебно изразуваме загриженост за приведувањето деца“, рече Дујариќ.

Тој одговараше на прашањата во врска со војната во Сирија, истакнувајќи дека ОН изразува длабока загриженост поради безбедноста на илјадници луѓе во јужниот дел на Идлиб, во руралните делови на Хама и во Источна Гута.

Тој истакна дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, им порача на страните да се посветат на интересите на сирискиот народ, а не на сопствените интереси.

На крајот потврди дека помошникот генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања, Марк Лоукок, ќе престојува во посета на Сирија од 9 до 12 јануари.

Да потсетиме, Воениот суд на 1 јануари подигна обвинение против 16-годишната Ахед Тамими.

Обвинението против оваа млада Палестинка од селото Неби Салех во окупираниот Западен Брег, која со своите постапки го привлече вниманието на светската јавност, е подигнато за наводни напад врз израелски војници.

Тамими во декември 2017 година е снимена како пред семејната куќа ги турка, удира и им удира шлаканици на израелските војници, кои на тоа не реагираа.

Палестинците ја сметаат младата Ахед за симбол на нивната борба против Израел.

Anadoluagency