ЦИВИЛ: Банките се однесуваат како класичен лихварски картел – Перо НАУМОВСКИ

Сподели

“А банките живеат како бубрег во лој. Нешто тука очигледно не е во ред. Крајно време е да се преиспита местото и улогата на банкарскиот сектор во вкупниот економски систем во земјава.”

Блокирани повеќе од 112.000 сметки на физички и правни лица. Граѓаните и фирмите сѐ позадолжени кај банките. Се намалуваат каматите на девизните депозити кои се и така на историско ниско ниво. Извршителите со полни раце работа, годишно во просек наплатуваат по сто милиони евра. Се работи главно за банкарски кредити или друг вид задолжувања кај банките. Понудата од банките на запленет недвижен имот од хипотеки е сѐ побогата и по квалитет и по квантитет. Тоа се вистински каталози за понуда на недвижности.

Пишува: Перо Наумовски

Банките остваруваат историски високи профити кои се околу сто милиони евра на годишно ниво. Парите со кои работат и од кои се богатат се туѓи а остварените профити се нивни и на акционерите.

Најголем должник на банките е државата. Банките имаат издадено 1,8 милиони платежни картички или во просек на секој жител по една. Раст на БДП во минатата година е позитивна нула, значи нема раст. Ни малку розова слика за состојбата во економијата и животниот стандард на граѓаните во една од најсиромашните држави во Европа.

А банките живеат како бубрег во лој. Нешто тука очигледно не е во ред. Крајно време е да се преиспита местото и улогата на банкарскиот сектор во вкупниот економски систем во земјава.

Во една од најсиромашните економии во Европа со два милиони жители работаат, ни помалку, ни повеќе, туку 15 (со зборови: петнаесет) банки. Три од нив се доминантни и контролираат повеќе од 70% од пазарот. Тие функционираат како олигопол, а останатите ги следат во чекор. Само една од нив е во државна сопственост, а три од помалите се во сопственост на неколку домашни бизнис и финансиски олигарси, додека сите останати се во сопственост на странски инвеститори. Нормално, остварените високи профити потоа ги трансферираат во матичните земји.

Претерано се алчни. Сите се организирани како Акционерски друштва (АД), а нивниот акционерски капитал е помал од 10% од вкупниот банкарски потенцијал кој е околу седум милијарди евра и во најголем дел се состои од депонирани заштеди на домашни физички и правни лица. Значи, со малку свои пари управуваат со целокупниот капитал на заштедите на домашните физички и правни лица. Контрола на нивното работење врши НБРМ. На монетарната власт најбитно ѝ е одржувањето на солвентноста, ликвидноста и адекватноста на капиталот на банките, одржување на фиксниот курс на денарот во однос на еврото и воопшто – макроекономската стабилност. Банките, всушност, и немаат некој особен ризик во работењето ако се има предвид цената т.е. каматата што ја плаќаат на денарските, а особено на девизните депозити. Сите слободни средства, без никаков ризик ги пласираат преку благајничките записи на НБРМ или преку купување на државни обврзници. Каматите кои ги пресметуваат на кредитите со кои го кредитираат населението и бизнисот се за 5-6% повисоки и овозможува висока добивка. Банкарските услуги што ги наплаќаат се посебна приказна.

Тарифите за нивните услуги се на по неколку страници,  каде се утврдени најразлични надоместоци за разни банкарски услуги, многу често и апсурдни и незаконски. Еве неколку од нив.

Некои банки ви наплатуваат провизија и ако сте примиле средства на ваша сметка, наплатуваат надоместок ако сакате да ја проверите состојбата на својата сметка, надомест ако подигнете готовина од банкомат, а ако некој надлежен државен орган побара увид во вашата сметка, банката ќе даде такво известување, а услугата ќе ја наплати од клиентот за кој дала таква информација.

Често ги менуваат тарифите, а за тоа не ги известуваат корисниците. Се колнат во некои етички кодекси и сите се претставуваат како општествено одговорни компании. Тоа само на хартија, да се задоволи одредена норма а во праксата се случува сосем спротивното. Легло се на невиден непотизам.

Корисниците на банкарските услуги два пати се оштетени, еднаш како штедачи каде цената на нивните депозити е многу ниска и потценета и втор пат како корисници на банкарските услуги кои ги плаќаат многу скапо и преценето. Тие како сопственици на капиталот се двојно дискриминирани во однос со банките од страна на државата. Сопствениците на банките екстра профитите ги реализираат преку банкарските бирократи- менаџери кои ги стимулираат со енормно високи плати и ветени екстра бонуси за екстра профит. Тие, пак, за да ги добијат тие бонуси, подготвени се на сѐ. Вешто маневрираат меѓу она што им го овозможуваат законите или ги користат недореченостите на легислативата, така што, на разни начини, успеваат да извлечат неоправдано многу пари од џебот на сиромашните граѓани и компаниите.

Длабоко сум убеден дека оваа тема е од голем јавен интерес што силно ги засега сите граѓани на оваа држава. Новата Влада на Зоран Заев вети дека ќе го слуша гласот на народот и ќе работи во интерес на сите граѓани. Интерес на сите граѓани и на државата е состојбите со банкарскиот систем да се променат кон подобро со цел банкарскиот систем да биде во функција на интересите на сите корисници на банкарските услуги и во функција на поттикнување на економскиот раст, а не да се однесува како класичен лихварски картел од јужноамерикански тип.

Надлежните органи се повикани да се вклучат во остварување на оваа мисија. Има тука работа за многу институции. НБРМ како монетарна власт има на располагање инструменти кои би ги натерале банките повеќе да инвестираат во економијата. Уште од времето на финансиската криза, па дури и пред тоа, се заговараше окрупнување на помалите банки преку спојување, со цел поефикасно и порационално работење. Ништо од тоа не се случи. Немаат потреба дури и помалите банки да се спојуваат кога и вака одлично им оди бизнисот.

Агенцијата за спречување на перење на пари да ги прочешла сите сомнителни трансакции. И покрај тоа што банките имаат служби кои ги следат овие сомнителни трансакции, тие, сепак, овозможиле голем капитал, под сомнителни околности, да биде трансфериран кон странство, за што впрочем говорат извештаите на релевантни светски финансиски институции. Кај нас, од силните „контроли“, немаме ниту еден отворен случај.

Државата, исто така, придонесува кон ваквата состојба. Се фали со тоа што сме имале конзервативен банкарски систем кој нудел сигурност. Да, но цената на таа конзервативност и затвореност е на штета на граѓаните, на бизнисот и на државата, а во корист на алчните банки. Граѓаните ги чуваат своите заштеди и слободни средства најчесто во банките, поради сигурноста кои им ја гарантира токму државата, но и поради фактот што приходите од камати не се оданочуваат за разлика од било кој друг приход кој се оданочува. Тоа е дел од менталитетот на граѓаните, па сигурноста има предност во однос на ризикот. На државата ѝ одговара секогаш да има пристап до евтини пари, а во последно време дури често и се фали со тоа дека задолжувањето на домашниот пазар било поевтино од она во странство.

Антимонополската управа мора да ги испита сите аспекти на работењето на банките од аспект на тоа дали во нивното работење има елементи на монополско делување на пазарот. Здруженијата за заштита на потрошувачите се повикани да ги заштитат правата на  корисниците на банкарските услуги преку постојано следење и откривање на повреди на нивните потрошувачки права.

Голем дел од вработените во банките се на определено работно време. И тие се незадоволни, бидејќи работаат во грч и неизвесност. Банките максимално ги користат законските можности вработените што подолго да ги држат на определено работно време. Синдикатот мора да ги заштити вработените.

Невладиниот сектор во земјава најчесто до сега се бавеше со основните човекови права и тоа е нормално, но секако дека ќе мора сѐ повеќе да се бори и за човековите права кои се однесуваат на економско-социјалниот статус на граѓанките и граѓаните во општеството.

Tекстот во целост прочитајте го тука