Општина Центар повикува на голема акција за чистење на училишните дворови

Сподели

 

Општина Центар утре, во 10 часот наутро, ја организира втората по ред голема акција за чистење на сите осум основни училишта во општината.

Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, заедно со хигиеничарите и општинската администрација, лично ќе учествува во чистењето на училиштето и ги повика учениците, наставниците, родителите, екологистите, невладините организации и сите оние кои сакаат, да се приклучат на акцијата.

„Здравата животна средина и чистата околина се придобивки за сите нас. Првата акција за чистење на училишните дворови помина одлично. Се надевам дека оваа втора акција ќе биде уште поуспешна. Ова е можност за сите граѓани да го дадат својот придонес кон заедницата и заедно, на нашите деца да им обезбедиме чисти и уредни училишни дворови. Ги повикувам сите граѓани кои имаат желба утре, заедно со нас да дојдат и да помогнат во реализацијата на оваа акција“, изјави Герасимовски.

Герасимовски додаде дека овие акции, освен што ќе ги исчистат дворовите, имаат за цел и да ја подигнат свеста на граѓаните за одржувањето на чистата и здрава животна средина.

Акцијата ќе се спроведе утре, сабота во 10:00 часот, во дворовите на сите 8 основни училишта во општината.

Покрај чистењето на дворовите, Герасимовски најави и дека ќе се засадат 200 нови Темјанушки, а ќе се бојадисуваат и старите и излитени огради на училиштата, онаму каде што ќе има потреба од тоа.