Анима Мунди со години предупредува дека системот за пријавување и обесштетување за наводни каснувања од бездомни кучиња е сериозно компромитиран и опасно отворен за злоупотреби, манипулации и можно организирано криминално дејствување.
Денес, врз основа на бројни дојави и искуства од терен, јавно прашуваме дали пред очи ни се одвива добро разработена шема во која жртви се животните, граѓаните и јавниот буџет? – се наведува во реакцијата на Амима Мунди.
“Имаме сериозни индиции дека во дел од случаите воопшто не станува збор за каснувања од куче, туку за лажни пријави. Повреди од падови со велосипед, ролери или други несреќи се прикажуваат како напади од куче. Луѓе се охрабруваат или насочуваат да пријавуваат дека биле бркани или каснати -иако тоа никогаш не се случило.
Особено загрижувачки е следново: веднаш по пријавувањето, на наводно оштетени лица им се јавуваат адвокати со понуда за застапување. Како тие доаѓаат до нивните телефонски броеви?
Ова отвора сериозни сомнежи за незаконско споделување и злоупотреба на лични податоци од државни институции. Ако ова се потврди, станува збор за тежок упад во приватноста, грубо кршење на законите и основ за кривична одговорност.
Последиците од овие злоупотреби се далекусежни: се испумпуваат јавни средства од општинските буџети; сите граѓани плаќаат за туѓи измами; вистинските жртви се дискредитираат; се создава страв и омраза кон бездомните животни; невини кучиња се прогласуваат за агресивни, заловуваат, изолираат и страдаат без вина.
Потенцираме: постојат случаи на повеќекратни обештетувања на исто лице, па дури и обештетување на цели семејства . што дополнително ги засилува сомнежите за системска злоупотреба.
Ова не се изолирани случаи, туку веќе разработени и функционални обрасци.
Го повикуваме Јавното обвинителство, МВР и сите надлежни институции итно и без одлагање да постапат.
Ги поздравуваме мерките што веќе ги преземаат одредени општини- дополнителни вештачења, детална идентификација на животното, фотографска документација и построги проверки. Но тоа не е доволно.
Бараме:
- Итна и темелна истрага на сите сомнителни случаи на отштети;
- Истражување на можно организирано дејствување и мрежи на злоупотреба;
- Итна проверка за незаконско споделување на лични податоци;
- Воведување строг и унифициран протокол за докажување на секој пријавен напад;
- Централен регистар на сите пријави, постапки и исплатени отштети.
Ако институциите не постапат веднаш, ќе станат соучесници во систем што овозможува измама, злоупотреба на лични податоци и организирано празнење на јавните средства”, бараат од Анима Мунди.


