Османи: Името “Ванчо Михајлов“ е провокација, важно беше да не паднеме во замката

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола информираше дека смета дека името е провокација, но и дека претставува алиби за главниот наратив на Бугарија дека Македонија не дозволува човекови права на етнички заедници.

 

 

-Првично потпретседателката на Бугарија Јотова побара да биде присутна на отворањето на бугарскиот клуб, а ние имавме информации дека ќе бидат пристуни и Каракачанов и Захариева. За нас беше многу важно да не дозволиме да потпаднеме под замката. Мојата улога како министер е да го зачувам имиџот на државата пред светот, а тоа е дека ова е демократска држава во која што сите граѓани ги уживаат сите права и дека нема да дозволиме алиби на наративот дека овде се газат човекови права на било која етничка заедница.

Османи изјави дека македонската Влада секогаш поддржува отворање клубови на сите етнички заедници во Македонија.

-Ние немаме ништо против отворањето на бугарскиот клуб во Битола. Спорно беше името на клубот, кое се сфаќа како провокација. Да не беше такво името, тогаш и ние ќе бевме дел од отворањето на клубот, рече Османи. Мислам дека беше несреќен избор на име. Бугарската заедница треба да си се произнесе зошто такви ликови им се важни. Името на клубот е провокација, не самото отворање на клубот, рече Османи.